Од Здравство нема никаков абер за отворање на центрите за третирање зависници од дрога

Во средината на 2019 година, Министерството за здравство на чело со министерот Венко Филипче, најави отворање на неколку дисперзирани пунктови за третирање лица кои се борат со зависност од дрога. Овие пунктови требаше да се отворат во склоп на поликлиниките „Јане Сандански“ во Ченто, во Карпош, во Ѓорче Петров, Чаир и во Шуто Оризари. Со отворањето на дисперзираните центри требаше да се реши проблемот со недостигот на правилна нега во пренатрупаниот центар во Кисела Вода. Оваа најава предизвика бурни реакции кај жителите во најавените населби, кои сметаа дека лицата кои се третираат од зависност не треба да се третираат во близина на цркви и на училишта, односно населени места.

„Новите центри кои треба да се отворат, треба да имаат соодветни услови според програмата, односно делење на метадон, социјална поддршка, спроведување на психолошка поддршка и советување. На овој начин ќе може да им се помогне на повеќе луѓе, ќе нема гужви, проблеми и нема да има чекања и одолвлекувања. Сега програмата се сведува само на делење на метадон и ништо повеќе. Нема толку време за советување, за психолошка поддршка, што е најважното за овие луѓе.“ – велат од ХОПС.

Според анализата за квалитетот на програмите за лекување на зависности во С. Македонија, скоро 9% од македонските граѓани пробале нелегални дроги во текот на животот, за разлика од младите од 15 до 24-годишна возраст, каде 19% се изјасниле дека консумирале психоактивни супстанци. Околу 6.800 лица во Македонија континуирано употребуваат дроги, а околу 72 проценти од нив се инфицирани со Хепатитис-Ц.

Метадонската терапија во земјава ја користат 1.600 лица, додека, пак, 250 лица користат бупренорфин, па оттаму се смета дека опфатот  на програмите за лекување на зависности е околу 27%, имајќи предвид дека психоактивни супстанци активно користат 6.800 лица.

Меѓутоа, веќе кон самиот крај на 2019 година, не само што ветените центри не се отворени, туку од Министерството за здравство молчат за причините за застојот на овој проект.

За лицата од Скопје, остануваат отворени центрите во „Кисела Вода“ и „8-ми Септември“, кои, пак, се соочуваат со многу проблеми кои се наведени во истражувањето на ХОПС.

„Во тек се административните подготовки на пунктовите кои се веќе просторно опремени. Штом завршат овие подготовки, пунктовите веднаш ќе бидат пуштени во функција. Дисперзијата е системско решение кое Министерството за здравство успеа да го реши во полза, пред сѐ на пациентите, потоа и на сите граѓани во земјава. Ваквите процеси треба да бидат поддржани од сите нас, само така ќе напредуваме, нема потреба од стигми и стравови. Целиот процес на лекување на овие пациенти ќе биде строго контролиран, а во него, покрај здравствените работници ќе бидат вклучени и сектори од други министерства, невладиниот сектор кој работи со оваа целна група на лица, но и семејствата на пациентите.“ – пишува во дел од извештајот кон медиумите објавен од Министерството за здравство.

Радио МОФ неколку недели се обидуваше да добие конкретна изјава од ресорното министерство во врска со овој проблем. Но и покрај мејловите, десетиците разговори по телефон и ветувањата за одговор, не добивме изјава до самото објавување на текстот.  Додека лицата на кои им е потребен третман остануваат извисени, ПР-службата неодговарајќи на прашања, делува како да служи за празни ветувања.

Нема третман на малолетници

Уште еден проблем кој се одолговлекува  многу години е недостатокот на третман за малолетници. Сите здравствени установи се прогласуваат за ненадлежни за третирање на малолетни зависници.

Центарот во „Кисела вода“ одрекува надлежност поради статутарни пречки за третман на малолетници на „Психијатриската болница“ – Скопје, Клиниката за токсикологија не е кадровски екипирана за да лекува малолетници со бупренорфин – иако лекот е регистриран за примена кај лица со наполнети 16 години, а на Клиниката за психијатрија единствено се примаат малолетници со различни психијатриски состојби. Единствено во Центарот во Битола можно е лекување на малолетници со наполнети 16 години, со метадонска терапија, но, при согласност од родител или старател.

Во 2018 година, Министерството за здравство по заклучок од Владата на РСМ формираше работна група за изработка на програма за лекување и сеопфатна грижа за малолетници кои употребуваат психоактивни супстанци.

„Овој проблем треба што побрзо да се реши. Треба да се отвори и и постои програма за лекување на малолетници. Програмата е напишана, но како таква се уште не е ставена во функција, не е одобрена. Тоа е проект кој е одобран од Владата, меѓутоа сè уште не фунционира.“ – велат од ХОПС.

Проблеми со кои се соочуваат лицата зависни од дрога

Третирањето на лицата зависни од дрога во Македонија е ориентирано кон употреба на метадон и бупренорфин, а третманите се одвиваат во 12 Центри за превенција и третман на зависности од дроги. Програмите за лекување на зависности е застапена во 10 града низ државата, а тоа наведува на фактот дека за голем дел од луѓето кои имаат потреба од лекување, програмите не се доволно достапни, стои во анализата за квалитетот на програмите за лекување на зависности во С. Македонија, изработена од ХОПС.

Проблематична е ситуацијата во Скопје, каде единствени Центри за превенција и третман на зависности од дроги се Центарот во „Кисела Вода“ и Центарот при Градската општа болница 8-ми Септември (наменет за жители од Општина Карпош). Центарот во „Кисела Вода“ се наоѓа на релативно лоша локација, па лицата за да ја земат својата терапија треба да патуваат многу долго и да потрошат неколку часа.

Ваквата состојба ја оневозможува успешната ресоцијализација на луѓето кои се третираат, поради тоа што им ги ограничува можностите за вработување и нормално функционирање и ги турка во понатамошна изолација и сиромаштија наметнувајќи им трошоци за патување за кои најчесто плаќаат сами.

Проблематично е и работното време на Центрите, кои се отворени само во прва смена и издаваат терапија до околу 13-14 часот. Ова создава сериозни предизвици, особено за тие кои се вработени, бидејќи се принудени да ги напуштаат своите работни места, во работно време, за да можат да ја земат својата терапија.

Во Центарот во „Кисела Вода“, пациентите се во контакт со четворица психијатри, двајца социјални работници, двајца психолози и останат персонал со средна стручна спрема, што не е ни одблиску доволно за соодветно лекување на околу 530 пациенти кои подигаат терапија најмалку еднаш неделно.

Ивана Смилевска

*Текстот е направен во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески