Од утре продолжува да се наплаќа градскиот превоз во Скопје

Град Скопје соопшти дека од утре престанува мерката за бесплатен градски превоз за сите граѓани бидејќи податоците од Министерството за животна средина покажале дека е прекината низата на последователни денови со екстремно загадување на воздухот.

„Поради тоа, од утре се укинуваат воведените мерки за бесплатен превоз за сите граѓани и слободувањето од работа за вработените во Град Скопје и во јавните градски претпријатија над 60-годишна возраст со хронични заболувања, како и бремените жени“, пишува во соопштението.

Од Град Скопје информираат дека ќе продолжи интензивната контрола на градилиштата и возилата кои излегуваат од градежните зони, како и миењето на улиците и инспекцискиот надзор над инсталациите во нивна надлежност.