Од утре почнуваат да важат мерки и препораки за заштита од високите температури

Од утре (13 јули), целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза, па така, почнуваат да важат и препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Оттука, Владата препорачува:

  • Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
  • Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
  • Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, a
  • Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата одлучила:

  • Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
  • Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
  • Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;
  • Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Овие мерки ќе важат од 13 до 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување, посочија од Владата.

„Владата и надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури, со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните“, додадоа тие.