Од утре почнува зимскиот распуст за учениците

Од 31 декември, па до 21 јануари ќе трае зимскиот распуст за учениците од основните и средните училишта.

Годинава, учебната година започна еден месец подоцна, на 1 октомври, па бројот на училишни денови беше намален од 180 на 159.

Но, додека учениците одмораат од онлајн и физичка настава, во меѓувреме трае рокот за испраќање забелешки и предлози за новата Концепција за основно образование. Рокот е 20 јануари, а повикани се наставниот кадар и сите други засегнати страни да се вклучат во подобрување на документот.

Од ЈСП, пак, информираат дека за време на зимскиот распуст нема да важат годишните средношколски билети за бесплатно користење јавен превоз.

„Средношколците од прва година, од почетокот на второто полугодие, јавниот превоз бесплатно ќе можат да го користат само со персонализирана картичка „Скопска“, односно од петок (1.01.2021 година) прекинува да им важи времениот хартиен билет“, стои во соопштението.