Од утре почнува летниот распуст и полагањето државна матура

Од утре започнува летниот распуст за околу 280.000 основци и средношколци, но и полагањето на екстерните испити од државната матура за матурантите.

Денеска завршува и полагањето на екстерно тестирање со кое во изминатите девет дена беа опфатени вкупно 183.280 ученици, од четврто одделение до трета година средно, како и повеќе од 17000 наставници.

Според информацијата на Државниот испитен центар, матурантите утре ќе полагаат мајчин јазик и литература, на 15 јуни е полагањето странски јазик, на 17 јуни ќе се полага математика и на 19 јуни е тестот по хемија, физика, биологија, историја, бизнис, филозофија и естетика. Тестирањето во сите денови почнува во 10 часот, а прелиминарните резултати ќе бидат познати најдоцна 30 дена од спроведувањето на последниот екстерен испит. Државната матура ќе се полага по стариот модел, во писмена форма и предметот математика ќе биде изборен за сите ученици.

За полуматурантите, пак, претстои запишување во средно образование кое е задолжително. Првото пријавување во јунскиот уписен рок е на 22 и 23 јуни.