Од утре ќе се плаќа паркинг и кај манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези

Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ соопштија дека од утре (7 јули) ќе почне да работи новото зонско паркиралиште, зона А02, кај манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези.

Паркирањето на оваа паркинг-зона ќе се наплаќа за време на државните празници и за викендите од 09 до 16 часот. Цената за првиот час паркирање изнесува 100 денари, а секој нареден час – 50 денари. СМС пораките за паркирање може да се испратат на бројот 144 144 од сите мобилни оператори во Република Македонија.

„На паркиралиштето е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли на кои се наведени сите неопходни информации  во врска со паркирањето, времетраењето и цената. Непрописното паркирање на ова паркиралиште и непочитувањето на сигнализацијата ќе се санкционира“, соопштија од Градот.

Оттаму велат дека со ова го зачувуваат Водно и овозможуваат непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите.