Обновено: Бесплатен јавен превоз во Скопје поради аерозагадувањето

Град Скопје воведува бесплатен автобуски превоз за сите граѓани поради високото аерозагадување, дознава Радио МОФ. Бесплатниот јавен превоз ќе биде обезбеден се до нормализирање на состојбата со загадениот воздух, а е дел од краткорочните мерки изгласани неодамна од Советот во услови кога ќе се надмине прагот на загадување.

ЈСП Скопје, уште денеска во 15 часот на својот сајт соопшти дека уште денеска почнува да се применува мерката за бесплатен автобуски превоз. Бесплатниот превоз ќе важи и за приватните превозници, соопштија од Град Скопје. Покрај оваа мерка, скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, рече дека запираат сите градежни активности на градилиштата под негова надлежност и ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност. Го задолжувам и ЈП „Комунална хигиена“ да продолжи со интензивното чистење и миење на градските улици.

Тој додаде дека Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повика и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.

„Апелирам до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.   Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат. Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Барам од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот“, рече Шилегов.

Шилегов апелираше граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали.

Прагот на загадување е надминат на две мерни места во Скопје, во Ректорат и Лисиче каде беа измерени вредности од 200 микрограми на метар кубен во текот на два последователни дена.

Во краткорочните мерки против загадувањето на воздухот во зима во главниот град спаѓа и забраната за возила на Водно за викенди и празници и најавата за еколошко мапирање на возилата.

Во моментов мерната станица во Лисиче бележи загадување од 223 микрограми на метар кубен ПМ10 честици, додека на Ректорат е 229. Надминување на дозволените вредност за аерозагадувањето има и во останатите делови на Скопје каде с епоставени мерни станици.

*Текстот е коригиран бидејќи првично беше најавено дека бесплатниот превоз почнува да важи од утре