Од „Тик Ток“ најавија тужба по наредбата на Трамп да се забрани апликацијата во САД

Компанијата, сопственик на „Тик Ток“, објави дека е шокирана од наредбата на претседателот на САД, Доналд Трамп, да се забрани оваа апликација за споделување видеа во земјата, и најави дека ќе се обрати до судовите во САД за да се обезбеди праведен третман на американскиот пазар.

„Ќе ги искористиме сите расположиви средства за да се осигураме дека не се крши владеењето на правото и дека кон нашата компанија и клиенти се постапува правично – ако администрацијата не го стори тоа, тогаш барем американските судови“, реагираше компанијата на својата веб-страница.

Претходно Тамп издаде наредба со која се забрануваат трансакции со кинеските компании ByteDance, сопственик на апликацијата „Тик Ток“ и Tencent, која е сопственик на апликацијата за пораки „ВиЧет“. Наредбите стапуваат на сила за 45 дена.

Според „Гардијан“, Tencent објавиле дека ќе ја анализираат наредбата со цел целосно да разберат што значи тоа.

Во меѓувреме, кинеското Министерство за надворешни работи, исто така, објави дека решително се спротивставува на наредбата на претседателот Трамп.

„Кина ќе ги брани легитимните права и интереси на кинеските компании“, рече Ванг Венбин, портпарол на Министерството за надворешни работи, на прес-конференција.