Од сатира до забава за широките народни маси – најпознатите македонски „Инстаграм“ филтри

Од Македонија, па сè до Бразил, Русија, Шпанија, Украина, Косово и Албанија, филтрите на „Инстаграм“ започнуваат да се шират низ целиот свет. Радио МОФ преку „Инстаграм“ анкета „собра“ неколку македонски дизајнери на филтри, кои најразлично ја користат популарната „Инстаграм“ алатка – некои како средство за сатира и политичка порака, некои за естетика, а некои за учење на нови вештини и забава за широките народни маси.

Во продолжение, прочитајте ја листата на македонски дизајнери на „Инстаграм“ филтри.

Lunerba (@lunerba)

Лунерба – филтер: „moje suze“

Најсподелуваниот филтер на „Лунерба“ е – „Цела да е!“, бидејќи како што вели тој, како и повеќето млади луѓе – не е сосема задоволен од начинот и квалитетот во нашата држава.

„Решив со доза на иронија да се пошегувам на сметка на луѓето коишто се претставуваат како огромни патриоти. Моите два филтри се популарни само во нашата држава. Инаку, почнав да правам филтри пред почетокот на оваа година. Причината поради која започнав беше тоа што сакав да изнудам насмевка на лицата на луѓето, првенствено да го насмевнам моето друштво. Имам само два филтри од кои едниот е насловен како „моје сузе“, односно насловен по стих од песна на Цеца, а тоа е стихот: „моје сузе падају на горе“. Искрено за оние кои ме знаат многу добро им е чудно зошто стих од таква песна затоа што не сум тип на човек кој е љубител на таква музика, но ми беше смешна самата помисла и идеја за некој таков филтер“, објаснува тој.

При креирањето на филтрите, за „Лунерба“ еден најважните сегменти е техничката совршеност, но не заостанува ниту тоа што преку нив тој сака да испрати порака.

Филтрите на Лунерба се достапни на неговиот профил.

Ениса Кадрии (@enisakadrii)

Ениса Кадрии – филтер: Natural face

За Ениса Кадрии, причината поради која почнала да креира „Инстаграм“ филтри била за да го создаде идеалниот ефект за себе, нешто во кое потоа, ќе уживаат и другите.

„Почнав пред не многу време бидејќи сакав филтри, едноставни, само со „baby face“ ефект. Најсподелуван ефект ми е „dark green eyes“. Најпопуларен ми е во Швајцарија, потоа во Македонија, Косово, Албанија и други земји. При креирањето на филтри поважно ми е филтерот да може да работи на сите верзии – сите телефони или таблети и истовремено да е технички совршен“, вели таа.

Преостанатите филтри на Ениса, како „Purple lips“ и „White lip, black lip“, можете да ги симнете од нејзиниот профил.

 (@Lildzin)

„Haze“, „Rainbow beat“, „Player 1234“,  „Cuber OZ“ и „Singularity“, се само дел од филтрите на @lildzin. Тој за Радио МОФ вели дека со креирање на филтрите започнал пред шест месеци.

„Ми беше досадно и барав нешто ново да научам и правам, а во меѓувреме „Инстаграм“ јавно ја пушти платформата за правење филтри. Како популарен филтер можам да го посочам „Rainbow Beat“, кој има преку 10 милиони прегледи.  Украина, Бразил, Русија, Шпанија и Италија се земјите каде филтрите се доста популарни.  Би рекол дека и техниката и естетиката се еднакво важни, но сепак мислам дека повеќе време посветувам на техничкиот дел“, нагласи тој.

Неговите преостанати филтри се достапни на неговиот профил.

Ивана (@opal.crys)

Ивана – филтер: Веснушки

За Ивана, причината за една ваква занимација првично бил карантинот. Работењето во програми за 3D моделирање и првичната професија со Архитектура и дизајн на мебел и ентериери била одлична подлога за користење на програмата за креирање на филтри.

„Инстаграм“ филтри почнав да правам пред 3-4 месеци,  филтерот со највеќе импресии е воедно и последниот филтер „Веснушки“. Искрено, на „Инстаграм“ платформата повеќе внимание се обрнува на естетиката, но техничкиот дел не го запоставувам со оглед на другата професија, бидејќи пред се бара точност, но воедно и креативна манипулација и координација на материјали, технологија, светло и сенка.

Преостанатите филтри на Ивана, како „Tresfacies“, „beauty7“, „UniqueeM“ и „Ирис“, можете да ги симнете од нејзиниот профил.

Ивица Бузлевски (I_b_e_a_s_t)

Ивица Бузлевски – филтер: „Blinking Game“

Преку разговор со пријатели, Ивица Бузлевски дошол до идејата за изработка на „Инстаграм“ филтри, а веќе од мај е фокусиран на усовршување на неговите идеи.

„Мојот најсподелуван и најпопуларен филтер е „Roses“, – не очекував да добие толку голема поддршка, но ете така испадна. Тој филтер беше само како проба. За мене, битен фактор е дека филтерот треба да биде интересен, креативен и добро изработен. При правење на филтрите, тие треба да бидат естетски дизајнирани и да одговараат на лицето – секогаш барам перфекција, дури и во најмалите детали, а исто така битно е филтерот да биде добро технички изработен, за да нема проблеми. Но сепак, има некои филтри кои не можат да се користат, причината за тоа е дека самиот телефон нема таков сензор за филтерот“, нагласи Бузлевски.

Неговите преостанати филтри како „Color bump“, „War paint“, „Womans touch“, и „Beasting“ можете да ги симнете од неговиот профил.

Стела LaPuff (@lapufff)

Стела Lapufff – филтер: „Tulips“

За Стела, најважно е филтрите да се технички совршени, а нејзиниот најсподелуван филтер е „Кој политичар си“.

„За време на карантинот, решив дека сакам нешто ново да научам наместо да гледам серии и да готвам цело време. Отсекогаш ме интересирало како ги прават „Инстаграм“ филтрите и така излезе идејата да се ангажирам сама себе и да научам нешто ново, интересно и креативно“, вели таа за Радио МОФ.

Преостанатите филтри на Стела, како „Venus“, „Tulips“, „fishy“, „Plump and rounded“ и  „Vrcak“  можете да ги симнете од нејзиниот профил.

Кристијан Ангеловски (@kikec2000)

Кристијан Ангеловски – филтер: „Каде“

Кристијан Ангеловски со филтри започнал да се бави веќе од јануари, бидејќи како што вели тој, дознал дека постои цела заедница која се занимава со правење филтри, па сакал да придонесе со „наш“ филтер на сцената.

„Го направив филтерот “Иде гас” поради зголеменото користење на оваа изрека. Од тогаш поставив уште неколку филтри на мојот профил, каде за филтерот „Теовел” имам околу 170.000 impressions, додека за филтерот “Каде?„ имам 100.000 impressions. За жал, статистиките кои ни ги даваат инстаграм не содржат информации за корисниците на филтрите, но бидејќи сите мои филтри се од македонски карактер, претпоставувам дека најпопуларни се во Македонија“, вели Ангеловски.

Тој дополнува дека при креирањето на филтрите важно му е да се технички исправни и компатибилни за поголем број уреди, но исто така обрнува внимание и на естетиката на филтрите.

Неговите преостанати филтри се достапни на неговиот профил.

Елена Тодоровска (@amaranthpurple)

Елена Тодоровска – филтер: „солза“

Елена Тодоровска започнала да изработува „Инстаграм“ филтри пред еден месец, со цел да експериментира со нешто кое не го правела досега.

„Најсподелуван филтер е purple eyes. Не се прикажуваат статистики за тоа каде се најпопуларни филтрите, но најверојатно се во оваа држава. Верувам дека на прв поглед ми е важно да се привлечни, но подеднакво е важно и да се технички совршени“, вели таа.

Преостанатите филтри на Елена, се достапни на нејзиниот профил.

Ивана  Смилевска