„Од Русија со љубов“ со виолинистката Анна Кондратенко

Една од најдобрите македонски виолинистки, Анна Кондратенко, ќе настапи како солист со Македонската филхармонија на концертот „Од Русија со љубов“. Oркестарот на Македонската филхармонија, предводен од извонредниот Емил Табаков од Бугарија, ќе ја слави убавината на руската музика.

На програмата се Концертот бр. 1 за виолина и оркестар од Дмитриј Шостакович, кој се смета за едно од најдобрите дела на овој рускиот автор, создаден во 1947/48 година и посветен на прочуениот Давид Ојстрах, како и Симфонијата бр. 4 од рускиот гениј Петар Илич Чајковски, една од најдобрите во симфониската литература.

Дел од критиките за Анна Кондратенко ќе кажат дека е таа „виолинистка со фуриозен штрих“… која создава „музика како од оној свет“. Кондратенко во моментов е концерт-мајстор на Македонската филхармонија. Родена во Новосибирск (Русија), виолина почнува да изучува на четиригодишна возраст. Музичкото образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на професорите О. Марченко и А. Гвоздев (заслужен артист на Русија), а потоа продолжува во класата на прочуениот В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што и дипломира во 2004 година. Нејзиниот талент за музика е забележен уште од најраната возраст и уште како дете Кондратенко се издвојува со победите на регионалните конкурси. Во 1995 година станува стипендист на Министерството за култура на Русија. Добитничка е на значајни награди и како солист и како концерт-мајстор има настапи низ целиот свет. Анна Кондратенко е и концерт-мајстор во оркестарот за снимање филмска музика „F.A.M.E.“. Мошне значајна е нејзината педагошка работа. Нејзините успеси и на ова поле се многубројните награди на националните и на меѓународните натпревари што ги освојуваат нејзините ученици.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин-диригент настапува со оркестри во Европа, Америка, Австралија, Азија. Маестро Табаков досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи при што се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер, циклусите симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен… Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори.