Од понеделник продолжува вакцинацијата на вработените во основните и средните училишта

Од понеделник ќе се вакцинираат вработените во основните и средните училишта во државата, информираат од Министерството за здравство.

„Овој процес на имунизација на наставниот и ненаставен кадар вработен во образованието, како дел од критичната инфраструктура го спроведуваме за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година“, се вели во најавата на министерството.

Следната недела, пак, ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високо образовните институции.

Во април започна вакцинирањето на наставниците кои работат со ученици од прво до трето одделение. Од вкупно 30 илјади наставници кои работеа со физичко присуство, околу 10 илјади веќе се вакцинирани, изјави претходно министерот Венко Филипче.