Од понеделник почнува самопопишувањето во странство преку веб-апликација

Од понеделник, 1 март, започнува самопопишувањето од странство на македонските државјани кои претстојуваат надвор од Северна Македонија подолго од 12 месеци.

Процесот ќе се извршува преку веб-апликација, а постапката, според директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, е едноставна.

„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата е-маил адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“, истакна Симовски.

Веб-апликацијата за самопопишување од странство е достапна на следниве линкови:

www.stat.gov.mk

https://popis2021.stat.gov.mk

https://census.stat.gov.mk

Покрај македонските државјани кои престојуваат повеќе од година во странство од понедлник ќе се попишуваат и македонските државјани кои се вработени во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семества, воените претставници на армијата во странство, оние во меѓународни организации и деловни единици во странство, како и сите други лица, државјани на Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, истакна дека Министерството за надворешни работи, преку дипломатско-конзуларните претставништва ќе биде логистичка поддршка, со цел информирање на македонските државјани во странство и одговарање на прашања. Тој појасни дека во рамките на Министерството веќе се обезбедени посебни линкови и телефони за контакт, а ќе се користат и социјалните мрежи за контакти со македонските државјани во странство.

Директорот Симовски информираше и дека во периодот од 1 до 15 март заедно со Министерството за одбрана ќе бидат попишани лицата што за време на Пописот се наоѓаат во служба на Армијата на Република Северна Македонија, во државата или во странство, заедно со Министерството за правда ќе се изврши попишување на лицата што за време на Пописот се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови и заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе бидат попиани лицата бездомници.

Пописот на сите државјани во Република Северна Македонија ќе се спроведува во периодот од 1 до 21 април 2021 година. Преку ова статистичко истражување треба да се добијат основни податоци за бројот, територијалната разместеност и структурата на населението според демографски, економски, образовни, миграциски и други белези. Покрај тоа, со Пописот се прибираат и податоци за домаќинствата, живеалиштата и нивните карактеристики. Овие податоци се неопходни за спроведување разни економски и социјални развојни политики и научни истражувања.

Според планот, се очекува околу 5.000 попишувачи, 120 државни инструктори и 500 реонски инструктори да учествуваат во Пописот 2021.