Од Покемон и Ходор до Берни и Трамп – 2016 година во една детална илустрација

Од Покемон хистеријата и држењето на вратата на Ходор, до Берни Сандерс, победата на Доналд Трамп и смртта на Боуви, скоро сите настани, и добри и лоши, кои ја одбележаа 2016 година, од американска перспектива, се наоѓаат на илустрацијата изработена од креативниот тим во Беутлер Инк.

Нивната детална илустрација, во која на едно место го стават хаосот на годината која изминува, е направена по познатата слика „Градина на земни задоволства“ од Хиеронимус Бос, објаснил за Хафингтон Пост дигиталниот стратег на компанијата Пит Хант.

Сликата е поделена на три дела, исто како и уметничкото дело на Бос, но е лабаво организирана, рекол Хант. Тој објаснил дека „R.I.P.“ делот со починатите е лоциран на левата страна каде се наоѓа рајската градина на Бос. Таму се лицата на Боуви, Принс, Мухамед Али и Фидел Кастро. Додека десниот дел на сликата повеќе е пекол. Таму тимот на Беутлер Инк ја сместил целата политика со фокус на карактерите од кампањата на Доналд Трамп, Брегзит и вирусот Зика.

Во средината, се наоѓа сè останато – познато како „земните задоволства“. Тука може да се пронајдат американските спортски тимови кои ја одбележаа годината, карактерите од Покемон, Ходор од „Игра на Троновите“ како ја држи вратата, славните парови кои раскинале, но и загадената вода во Флинт и кризата во Јаху.

На сајтот на Беутлер Инк може да се најде илустрацијата во повисока резулуција, како и објаснување на креативниот тим како таа е создавана во текот на целата година.