„Од оваа страна“, нова поетска збирка на Весна Ацевска

Во рамките на едицијата „Современа македонска поезија“, а во издание на „Дијалог“, објавена е новата стихозбирка на поетесата Весна Ацевска.

Весна Ацевска е родена во Скопје во 1952 година. Пишува поезија и проза, преведува од руски и од јужнословенски јазици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на преведувачите на Македонија, на Интернационал¬ното друштво „Калеваласеура“ од Република Финска и на Славјанската литературна и артистична академија во Варна. Застапувана е во разни антологиски избори на современата македонска поезија во земјата и странство.

На македонската книжевна сцена Весна Ацевска е присутна над четириесет години преку поетската и преведувачката дејност.

“Во своето најново поетско дело, таа се надоврзува на доминантните постапки карактеристични за нејзиното поетско писмо, каде што во топосот на песната се преплетуваат теми, мотиви и слики од разни природни и духовни ареали во амалгамизирани лирски градби, сочинети од избрани јазични експресивни структури. Кон песните во книгата е придружен и нејзиниот есеј „На страната на поезијата“, во којшто авторката недвосмислено го изразува својот став дека поезијата со својата креативна сила претставува своевиден синоним на животот“, се вели за делото.

Ацевска ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (2009) и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија (2012), а двапати ја добила наградата „Григор Приличев“ за препев на финскиот еп „Калевала“ (2000) и на нордискиот еп „Стара еда“ (2009). Носителка е на државната награда „Св. Климент Охридски“ (2016).