Од ноќеска ќе започне летното сметање на времето

Ноќеска (меѓу 28 и 29 март) во 2 часот наутро, започнува летното сметање на времето, а часовниците ќе одбројуваат еден час понапред. Така, наместо 2, ќе биде 3 часот наутро.

Летното сметање на времето започнува последниот викенд во март, а завршува во последниот викенд во октомври.

Европскиот парламент гласаше во насока на прекинување на оваа практика, по што во соработка со земјите членки треба да се договори како тие ќе постапат во иднина. Крај на поместувањето на стрелките на часовникот ќе се стави во 2021 година.

Така, со предложените амандмани, владите кои планираат засекогаш да останат во летното сметање на времето последен пат треба да направат поместување на часовникот во последната недела на март, 2021 година. Оние држави пак кои го преферираат зимското сметање на времето, ова ќе го сторат во последната недела на октомври, 2021 година.

Менувањето на стрелките на часовникот за летно и зимско сметање на времето првпат е забележано во 1916 година. Западноевропските држави пак овој систем го воведуваат во 70-тите години на минатиот век со оправдувањето дека така периодот на дневната светлина од раните утрински часови ќе се премести навечер.