„Од наша гледна точка“ – сте се обиделе ли да го погледнете светот низ очите на другиот?

Вечерва во 19 часот во Автономен Културно Социјален Центар (АКСЦ) по втор пат ќе се одржи изложбата на фотографии наречена „Од наша гледна точка“.

„Од наша гледна точка“ - сте се обиделе ли да го погледнете светот низ очите на другиот?

Никола Стојановски, Игор Петров, Оливер Блажевски, Стефан Трпковски, Илина Георгиева, Александар Матовски, Матеј Аларов, Никола Колев, Моника Бисовска, Дејвид Бајкрофт, Марио Мицковски и Коста Аризанов се млади луѓе кои своите интереси и чувства ги изразуваат преку фотографии.

„Од наша гледна точка“ беше настан кои за прв пат се одржа во декември 2013 година во Концепт 37. Според организаторите, големата заинтересираност и неможноста сите да присуствуваат на првиот настан ги натерале истиот да го повторат уште еднаш.

„Овој пат настанот ќе има проширена содржина. Првиот дел на настанот останува ист- изложба на фотографии кои ја претставуваат перцепцијата и погледот на светот на 12-те млади и амбициозни автори. Во вториот дел од настанот посетителите ќе имаат можност да ги погледнат кусите филмови кои тимот на АКСЦ ги одбра за оваа прилика, со цел доближување на секојдневието на лицата со посебни потреби до обичниот граѓанин. Сите заинтересирани исто така, ќе може да присуствуваат и на дискусијата чија тема ќе биде вклученост на лицата, пред се младите со посебни потреби во културниот и социјалниот живот кај нас. Се надеваме дека овој настан нема да биде последен настан од ваков тип и дека навистина лицата кои имаат помалку можности ќе најдат место каде може да се изразат себе си и на тој начин да станат интегрален и еднаков дел на ова општество“, вели Марија Матовска во име на тимот за Радио МОФ.

Во продолжение погледнете ја програмата за вечерашниот настан:

19:00-20:00- Изложба и разговор со дел од авторите

20:00- 20:30- Проекција на куси филмoви

20:30- 21:30- Дискусија – Колку лицата со попреченост се вклучени во социјалните и културни случувања кај нас?

21:30- 22:00- Дружба