Од мај повратен авионски билет Скопје – Прага за 160 евра

Од 20 мај, авиокомпанијата Чех ерлајнс ја обновува редовната авионска линија Скопје – Прага. Најавени се по три лета неделно, а билетот во еден правец чини околу 5 0оо денари (85 евра), додека повратен е околу 10000 денари (159 евра) со вклучени такси.

Воспоставувањето на редовната линија Скопје – Прага го потврдија денеска на прес-конференција Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во Чех ерлајнс и генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски. Летови од Скопје кон Прага ќе има во понеделник, среда и во петок, со тргнување во 4 часот наутро и пристигнување на аеродромот „Вацлав Хавел“ во 6 часот и 10 минути. Од Прага за Скопје, пак, летовите ќе се реализираат во вторник, четврток и во недела навечер во 22:25 минути, со пристигнување на „Александар Велики“ 25 минути по полноќ.

Од 20 мај ќе има летови за Прага во понеделник и во петок, а од Прага за Скопје во четврток и во недела. Од 13 јуни односно од 14 јуни се воведува и третиот лет, полетувања за Прага во среда и за Скопје од вторник. На сајтот на авиокомпанијата од минатиот месец може да се купат билетите за овие летови.

Чех ерлајнс ја опслужуваше линијата Скопје – Прага од 2005 до март 2012 година, кога операциите беа прекинати поради преструктуирање на компанијата.