Од Лос Анџелес до Берлин – петти ден протести против Трамп

Имигрантите, нивните поддржувачи и граѓани кои се противат на изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, продолжија со протестите, јавно говорејќи против неговите политики на депортација и други мерки кои ги најавуваше во кампањата.

Организаторите во Менхетен држеа транспаренти на англиски и шпански јазик со пораки: „Омразата нема да не направи силни“ и извикуваа „Овде сме да останеме“.

Повеќе од илјада луѓе се појавија на овој марш во центарот на Њујорк, кој траеше до доцна во ноќта.

Вчера беше петти ден протести низ земјата, кои се проширија и низ градови во светот. Протести имаше и во Лос Анџелес, Сан Франциски, Филаделфија и други американски градови.

Неколку стотици граѓани протестираа околу административниот центар на Филаделфија со пораки „Доналд Трамп мора да си оди“ и „Вака ли изгледа демократијата“.

Во Орегон, демонстрантите повторно маршираа низ Портланд. Телевизиските снимки покажуваат стотици луѓе кои гласно, но мирно протестираат низ улиците. Овој протест доаѓа откако во саботата 71 лице беше уапсено од полицијата.

Демонстрации имаше и надвор од Соединетите Држави. Во сабота, група Мексиканци пред статуата на независноста во главниот град изразија загриженост од можниот бран депортации. Еден наставник рекол дека тоа ќе ја засили дополнително нестабилноста која веќе е присутна во Мексико. Околу 300 граѓани протестираа околу изборот на Трамп и пред американската амбасада во Берлин.