Од идниот месец почнуваат контролите на е-дневникот

Министерството за образование и наука од 1 ноември ќе почне со контролите на внесувањето податоци во е-дневниците, најави денеска ресорниот министер, Спиро Ристовски.

„Не ни е целта да извршиме контроли за да ги казниме наставниците, туку да обезбедиме целосна функционалност на е-дневникот, негово навремено и комплетно исполнување со податоците кои се неопходни за учениците, нивните родители и за наставниците. Контролите ќе бидат реализирани на целата територија на Македонија“, рече министерот.

Се планира контролите на е -дневникот да се спроведуваат континуирано, односно со еднаш неделно внесување на сите податоци и со намалените прекршочни одредби во рамки на Законот за просветна инспекција.

Според МОН, во летниот период е направена корекција на платформата на која функционира е-дневникот поради техничките проблеми со кои се соочуваа наставниците. Ристовски најави дека за дваесетина дена ќе бидат готови и целосните резултати од екстерното тестирање.