„Од идеа до реализација“ – 10 потенцијални социјални бизниси влегуваат во инкубација

Грижа за лицата со попреченост, социјално загрозените семејства, менталното здравје на младите, како и за домашните ракотворци, животните и обновливите извори за енергија се некои од социјалните бизнис идеи на финалистите на наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award 2017.

„Наградата, всушност е натпревар и целогодишна програма за поддршка на идеите меѓу студентите и младите кои имаат потенцијал да се развијат во социјални бизниси. Токму затоа, во оваа фаза, десетте млади социјални претприемачи имаат можност да учествуваат на предакселераторски тренинг,поддржан од Македонски Телеком како општествено одговорна и иновативна компанија. Учесниците на тренингот, кој се оддржува во Телеком Иновативниот центар од 05 до 10 јуни 2017 година, се здобиваат со продлабочени знаења како и проценка на фазата на развој на нивните бизнис идеи“, информираат организаторите.

Утре, со почеток во 17 часот во Телеком Иновативниот центар, финалистите ќе имаат можност да слушнат презентации на дел од учениците во Social Impact Award 2015 И 2016 година и да разменат искуства.

Следниот чекор ќе биде доделување на индивидуален ментор на десетте избраните тимови, кои понатаму ќе се натпреваруваат за награди. Победниците ќе бидат прогласени на 2 октомври 2017 година во рамки на настанот Social Innovators Conference.

„Иако наградите се стимул за младите луѓе, вредноста на оваа програма е многу поголема од тоа. Учествувајќи во Social Impact Award, младите добиваат едукација, пристап до останати интернационални програми, вмрежување со заедницата, како и можност за отпочнување на сопствена кариера и решавање на локални и глобални општествени предизвици“, посочуваат организаторите.

Наградата за социјално претприемништво – Social Impact Award, која по третпат се организира во Македонија, е веќе присутна во 18 земји од светот, а истата е поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Импакт Хаб Виена.

Локално, наградата ја спроведува Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, оддел Social Impact Lab, во партнерство со Шпаркасе банка – Македонија, Пакомак, Конто Профит, Македонски Телеком и Фондот за иновации и технолошки развој, како институционален покровител.