Од детски сон до реалност, стоматолог од Белград си направи формула

Божидар Петровиќ е млад стоматолог од Белград, кој со помош на пријатели направил формула и ја вози на Ада Хуја, место каде што се собираат екипи од картинг клубот СОР, во кој тој членува, и каде се одржува Аматерски картинг шампионат. Концептот по кој е правена формулата потекнува од 60-тите години, кога се користеле некои делови од „Буба“, како менувачи, мотор, а потоа се ставени и шасии. Било евтино да се направат, а се користат за трки и денес, во Австралија и Канада, раскажува Петровиќ, во интервју за Before After.

„Ја направив затоа што отсекогаш сум сакал таква да направам. За 18. роденден од дедо ми ја добив „Бубата“ што ја средувавме со татко ми и тоа знаење го искористив сега“, вели Петровиќ, кој додаде дека единствената поврзаност помеѓу стоматологијата и правењето формула е прецизноста.

„Беше смешно кога почнав, луѓето кои доаѓаа тука ми викаа ‘што е ова по ѓаволите, какви се овие цевки, каква формула правиш’. Како што кажав, потребна е прецизност, не само во законите на физиката и механиката, но до некаде и во идејата, затоа се консултирав со луѓе кои ми помогнаа. Целиот процес ми беше забавен, се случуваше во гаражата да заварам две шипки и дома да не можам да заспијам од возбуда“, објаснува тој.

Петровиќи го почнува работниот ден од десет часот наутро и завршува во осум навечер, а за формулата ги посветувал ноќните часови. Мислел дека ќе ја направи за еден до два месеци, меѓутоа поминале година дена пред првпат да ја вози.

За нејзината изработка имал голема помош од неговите пријатели. За сите проблеми кои претпоставувал дека ќе се случат се консултирал со пријател на неговиот татко, кој е машински инженер. Подоцна, кога ја изработувал пластиката, му помогнал архитект со 3Д моделирање. Неговиот кум, пак, бил вајар и му помогнал во подготовка на оклопот, додека низ целиот овој процес ја имал поддршката од својот татко.

„Почнав да возам картинг пред осум години, кога имав 27 години. Отидов да гледам неколку пријатели, но ме наговорија и јас да возам“, се потсетува Петровиќ.

На прашањето, каква е картинг сцената во Белград, тој вели:

„Постои аматерски шампионат и државен шампионат кој е прилично неорганизиран, и со политика, додека СОР – аматерскиот шампионат што го организираат моите пријатели има поинаква димензија. Приказната за шампионатот е многу важна, затоа што од нас седуммина кои почнавме, се претвори во тим од 35 луѓе. Организатор и човекот што го започна ова е Ѓорѓе Симиќ. СОР како клуб учествуваше на државниот шампионат во 2014 година и беше еден од најбројните клубови. Ѓорѓе е многу важен за шампионатот и за клубот. Неговата енергија во голема мера се одразува на сите нас кои учествуваме во тоа. СОР е сериозна приказна, многу сериозен систем во кој секој придонесе на свој начин“.

Во нивниот клуб засега има само три жени кои возат картинг. Петровиќ вели дека картингот овозможува да се научат основите на функционирањето на возилата. Тој вели дека децата можат уште на четири години да возат картинг и да станат еден ден светски успешни тркачи. За него овој спорт е уникатен бидејќи се чувствува секое движење.

„Јас сум наострен да го слушнам секој звук, се што чини и што не е во ред. Прво ја запалив неколку дена пред возењето. Беше супер. На палењето на моторот присуствуваа дваесетина луѓе и сите навиваа. Бев возбуден, имав трема, бев загрижен дали ќе работи. Кога првпат ја возев формулата, очекував сама да оди, а јас само да возам. Но, не беше баш така, многу ситници поправив, првенствено за да функционира добро на кривините. За споредба, имам подобро време од некој модерен, јак и брз автомобил на оваа патека.

Сепак, со неговата формула тој не може да се трка на картинг патека, туку ја направил за своја душа.

„Ја возам, но не се натпреварувам, бидејќи немам со кој, не постои таква категорија во Србија. Јас се забавував и си направив формула, но на многу другари, или им го разубавив денот, или им го исполнив сонот, бидејќи колку пати во животот имаш можност да возиш Single Seater?“, вели Петровиќ, кој појасни дека се уште работи на неговата формула.