Од детски сон до бизнис идеја – активисти ќе отворат центар за привремено згрижување на улични кучиња

„АВАВ Хепи Дог центар“ е проект на група љубители на животни кој има за цел да обезбеди привремено засолниште и негување на бездомните кучиња, но и за оние со сопственици. Оваа идеја е една од победничките на натпреварот за најдобро иновативно решение во социјалното претприемништво „Social impact awards 2017“.

За да може да се одржи, проектот ќе има и бизнис елемент со кој ќе се генерираат исходи преку забавен парк за кучиња, продавници за кучиња, хотел за кучиња, дневна нега и кафуле за сопствениците. Секое куче да има траен дом, на секое куче да му е обезбедена основната нега и градот Скопје да биде град без улични кучиња и насилство врз животните, е желбата што сакаат да ја постигнат овие активисти. Во интервју за Радио МОФ, Наде Богоевска ја објаснува замислата за нивниот центар и зборува за проблемите околу неодговорносто сопствеништво.

Во видео презентацијата споменувате дека преку вашиот проект ќе им помогнете на сопствениците при негата на нивните миленици додека се отсутни. За што поточно станува збор?

Сопствениците на миленици веднаш ке се препознаат во ова бидејќи секој, во денешно време со своите обврски нема доволно време за ништо а сака да стори се, особено за нашите миленици кои се како членови на нашите семејсва. Доколку не се во можност да го земат својот миленик на патување без разлика дали би било тоа годишен одмор или службено патување, сопствениците на миленици ке можат да ги остават своите миленици кај нас во пансион каде би ја добиле сета грижа и нега која им е потребна и секако би имало простор за едукација, за нега на различни раси на кучиња исто така и видео надзор на својот миленик за да се уверат дека добива се што му е потребно додека тие се отсутни.

Дали ова ќе важи само за кучињата со сопственици, или пак, ќе има можност да се обезбеди некаква заштита и за бездомните?

Првично овој проект го правиме баш за бездомните кучиња. Во никој случај нема да бидат изоставени, но за да има оддржливост овој проект и да не биде само на зборови ‘„собрана глутница од бездомни кучиња каде што им се фрла парче леб колку да преживеат’’, мора да постои и оној бизнис дел, од кој дел од приходите од целиот бизнис би одел за бездомните кучиња, односно стационарот кој е планиран, во втората фаза од овој проект. Имаме формирано здружение за заштита на правата на кучињата, што значи ќе има секакви акции, донаторски настани и едукации како би им се помогнало на бездомните кучиња во нивно трајно вдомување. Секако се планира и лобирање за законите за животни особено за кучињата и ред други работи со кои ке се бави овој проект и се надеваме дека ке може да оствариме соработка со другите здруженија и заедно ќе се бориме за паравата и заштита на животните како и едукација и подигање на свеста.

Од каде потребата токму за ваков проект?

Уште од најмали години бевме учени и воспитувани да се однесуваме со почит и со љубов спрема животните. Како поминуваа годините така нашата љубов спрема кучињата растеше се повеќе, од земање од фрижидерот што имаме за да нахраниме некое куче, до годините кога добивавме џепарлак и го трошевме целиот само за да нахраниме некое гладно бездомно куче или пак медицински да го згрижиме за да му се помогне. Оваа помош која ја пружаме од преголема љубов кон кучињата може да прерасне во одличен бизнис со кој ќе можеме да направиме оддржлив план за заштита на правата на кучињата во Р.М. од една страна тепани, бркани , бездомните кучиња за да се заштитат може да одбрамбено да реагираат кон луѓето, сето ова допринесува од ден за ден се повеќе да згаснуваат животите на бездомните кучиња од страна на човекот. Бидејќи кучињата немаат глас, човекот би требало да биде нивниот глас! АВАВ Хепи Дог ја основаше својата асоцијација за заштита на правата на кучињата односно за времено згрижување на бездомните кучиња во сопствен стационар, со цел обезбедување на истите траен дом полн со љубов. А потребата за ваков проект во Р.М одамна постои односно „плаче’’ за ваков проект.

Колку време сметате дека ќе ви треба за да го реализирате проектот?

Проектот е веќе започнат со наши сопствени средства и се планира на пролет да се отвори кафулето, со парковите за кучиња и пансионот за да се почне со изградба на стационарот за бездомни кучиња. Што значи, една година веќе е помината во добивање на дозволи за градби и документција и пола година за иградба на првата фаза, можеби уште една година ќе помине и додека се среди и изгради стационарот, односно проектот за бездомните кучиња.

Колкумина би биле активно вклучени, дали планирате да се вклучат и волонтери?

Досега имаме многумна активно вклучени дали се тоа пријатели кои помагаат во изградбата, секако љубители на животни и многу други лица кои дознале и им се допаѓа идејата па сакаат да помогнат.

Што ви е важно да постигнете со овој проект?

Наша визија е да создадеме заедница каде што секое куче ќе има траен дом, на секое куче да му е обезбедена основната нега и градот Скопје да биде град без улични кучиња и насилство врз животните. Исто така сакаме да поставиме модел за стационар со многу похуман третман на бездомние кучиња од постоечкиот каде не постои еутаназија и тој модел да може да се реплицира и во другите општини и градови во Р.М. целта ние да ја подигнеме свеста за посвојување на бездомно животно со мотото ‘’посвои не купувај’’ односно / ‘’adopt don’t shop’’.

Како ги оценувате постоечките пансиони за кучиња? Колку се тие финансиски достапни за граѓаните и дали се доволни?

Секако дека се финансиски достапни, а за доволни не би знаеле бидејќи се пренатрупани со бездомни животни , бидејќи и тие се љубители на животни сакаат да помогнат и даваат пониски цени за бездомните. Секоја чест за нив. Наше мислење е дека треба да постојат и повеќе пансиони со големи капацитети.

И самите велите дека поголемиот дел од сопствениците немаат доволно време за да го посветат за своите миленици, бидејќи се на работа, или пак, имаат други обврски… Колку граѓаните се свесни за обврските што ги добиваат со добивање на миленик?

Можеби некои се свесни но повеќето не се , и баш од таа причина го воведуваме едукативниот дел на овој проект каде ќе ја подигаме свеста на граѓаните.

Како еден од најчестите критики за проблемот со уличните кучиња се наведуваат токму несовесните сопственици, кои откако ќе им помине „меракот“ ги пуштаат милениците на улица, или пак, не го контролираат нивното размножување. Кој би бил вашиот коментар за овој проблем?

Токму така, несовесноста на напуштање миленик e неедуцираноста, што значи да чуваш миленик и секако неконтролираното размножување на веќе постоечките бездомни кучиња се причина што овој град, стана град на убијци, трујачи и аресивно однесување кон бездомните животни. Едуктивниот дел би требало да се спроведе уште од многу рана возраст за да сфатат дека не треба агресивно да се однесуваат спрема бездомните животни ниту врз било какво суштество кое само е исплашено и бара помош.

Дали можеби ваквиот проблем беше и ваш поттик за да го започнете овој проект?

Нашиот поттик е одамна, како што кажав уште од многу мали години, во секој момент кога сме биле во можност сме спасувале бездомно животно, но во последниве неколку години во нашата држата тоа станува сериозен проблем бидејќи веќе има жртви и од страна на луѓето и од страна на животните, а тоа е многу сурово.

Кои ќе бидат вашите први чекори на кои ќе се посветите сега откако ја добивте наградата?

Само ќе продожиме со она што веќе го работиме. Оваа награда е наш успех и гордост што успеавме да допреме и до други луѓе на кои им се допадна нашата идеја и не наградија за тоа. Немаме некакви посебни  чекори секако ќе продолжиме понатаму со реализација на овој проект како и до сега.

Емилија Петреска