Од денеска може да се патува во Бугарија со негативен ПЦР тест

Од денеска, 28 јули, граѓаните на Северна Македонија, Србија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија, Израел и Кувајт можат да влезат во Бугарија со негативен ПЦР тест, направен во последните 72 часа, гласи одлуката на бугарското Министерство за здравство. За граѓаните на Украина условот да достават негативен ПЦР тест важи од 30 јули.

„Главните причини за одлуката на Министерот за здравство се: активности на сезонски земјоделски работници и работници од областа на туризмот; на лица кои патуваат за обука; патници од хуманитарни причини и претставници на трговски, економски и инвестициски активности“, стои во соопштението.

ПЦР тест не е потребен за лица кои пристигнуваат во Бугарија од земји членки на ЕУ, Велика Британија и Северна Ирска, земји од Шенген, како и од Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Република Кореја, Тајланд, Тунис, Источна Република Уругвај. Тие не подлежат на 14-дневна карантин.

Бугарија пред речиси две недели воведе привремена забрана за влез на нејзината територија за сите лица од Северна Македонија, без оглед на нивното државјанство, како резултат на лошата епидемиолошка ситуација со коронавирусот во земјава.

Слична забрана воведе и Грција до 31 јули, која привременото ги ограничи сите авионски, железнички и копнени поврзувања со земјава, како и забрана за влез на грчка територија на лица преку македонските гранични премини.

Од соседните држави, македонските државјани без ограничувања може да патуваат само во Србија и Албанија. За влез во Косово пак е потребно да се приложи негативен тест кој не смее да биде постар од 72 часа. Ова не важи само доколку македонски државјани слетаат на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина, и потпишат изјава дека во рок од три часа ќе го напуштат Косово. Од оваа обврска се ослободени превозниците што влегуваат во Косово и странските дипломати и нивните семејства, како и државјаните на трите земји, кои имаат и косовско државјанство и живеалиште во Косово.