Од денес не сообраќа меѓународниот воз Солун – Скопје – Белград

Меѓународниот воз „Хелас експрес“ од денеска нема да сообраќа на релацијата Солун – Скопје – Белград.

Според Македонски железници – Транспорт, прекинот на меѓународната релација е поради  изведување градежни активности на територијата на Република Србија. Односно, поради зафати на пругата Ниш-Прешево, српските железници го ограничија патничкиот сообраќај на југот од својата земја.

Прекинот на патничкиот сообраќај ќе важи се до крајот на возниот ред 2015-2016 година, а повторното воспоставување на редовната линија Солун-Скопје-Белград заеднички треба да јаусогласат „МЖ Транспорт“, „Србија воз“ и „Trainose“ – Грчките железници.

Инаку, пред неколку денови низ јавноста се појавија различни реакции, а откако се прошири веста дека по 143 години од воведувањето на железничкиот сообраќај во Македонија, од почетокот на месецов земјава ќе остане без редовните меѓународни линии. Ова значи, сите оние граѓани кои што ќе посакаат да патуваат кон Европа со воз, своето патување ќе мора да го организираат од Ниш или Белград како почетни дестинации. Освен возот „Хелас експрес“, веќе подолго време не сообраќа ниту утринскиот експресен воз на релација Скопје-Белград-Скопје. *Експресниот воз „Хелас експрес“ на железничката станица во Солун.