„Од центарот кон периферијата“ – повик на Град Скопје за проекти од културата

Град Скопје објави јавен повик за финансирање проекти и активности од областа на културата од интерес на Градот, како дел од проектот „Од центарот кон периферијата: Културата како алатка за социјален развој“.

Се повикуваат сите заинтересирани правни субјекти – установи од областа на културата, здруженија на граѓани и фондации, како и други правни лица што вршат дејности од оваа област во согласност со Законот за културата и другите позитивни законски прописи во Република Македонија.

„Со цел да се обезбеди деконцентрација на културата и истата да се дисперзира на територија на Градот Скопје, а притоа да се лоцираат неискористени јавни простори и јавна инфраструктура, чијашто реупотреба може позитивно да влијае и да го подобри социјалниот и културниот живот на жителите на градот Скопје, Град Скопје распиша јавен повик на кој ќе бидат доделени средства за реализација на проекти што ги остваруваат целите на јавниот повик“, стои во повикот.

Проектот ќе се реализира во текот на 2019 година (но, не подоцна од 1 декември) на отворени јавни простори и површини, како и во админстративни објекти што се во јавна надлежност: месни заедници, домови на културата и слично. Средствата за оваа намена се предвидени во Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

„Една од целите и приоритетите на проектот, е предложените проектни активности да вклучуваат интерактивност со локалното население со кое ќе се дефинираат културните потреби и активности, а се препорачува и вклучување на припадниците на социјалните ранливи групи и малцинства, припадници на етничките заедници, деца и ученици коишто живеат во околината, со вклучување на родова компонента и родово избалансирани активности“, додаваат од Град Скопје.

Јавниот повик ќе трае до 5 март, а повикот со апликациониот формулар може да се најде на следниот ЛИНК: