Од анти-стрес соба до простор за медиуми и забава – пет млади лица наградени за своите бизнис идеи

Пет млади лица со иновативна идеја добија вкупно 20 000 евра за да го започнат својот бизнис. Нивните идеи за стартап беа победници на натпреварот за бизнис планови, организиран од ПСМ Фондација, во склоп на проектот „Балканско-Медитерански Центар за претприемништво и иновации“ (БалканМед ИННОВА).

Петте најиновативни идеи кои беа избрани и добија финансиска поддршка по 4.000 евра за почнување на сопствените бизниси се:

  • Беровко, основач Душица Крстеска – Производство на домашни џемови, сирупи и безглутенски тестенини
  • Анти-стрес соба, основач Горан Бошковски – Специјализирана просторија за ослободување од стрес и задоволување на адреналински потреби
  • Еден живот, основач Мартин Спасовски – Развој и производство на електричен мотор
  • Камера Обскура, основач Нена Минчев – Центар за медиуми и забава – креативен простор за соработка, продукција, изложби и аудио-визуелни проекции
  • Маткасе, основач Васја Петковска – Услуга за испорака на комплети со рецепти за јадење (meal kits)

Во натпреварот се вклучиле вкупно 250 лица од целата земја низ 5 фази – од учество на вебинари до мониторирање од експерти во областа за развој и презентирање на идеите.

„Компаниите успешно ги искористија финансиските средства доделени од ПСМ Фондација, а истите беа употребени за набавка на опрема, материјали и услуги со цел започнување на бизнисите. Компаниите активно ги имплементираат нивните бизнис активности, соработуваат со маркетинг агенции и започнуваат со промоција со цел запознавање на пазарот и купувачите со нивните услуги“, велат организаторите на натпреварот.

Проектот, започнат во 2017 година, цели низ обука, размена на знаења и искуства, како и трансфер на технологии да овозможи поддршка на веќе постоечки мали и средни претпријатија, како и на сите потенцијални стартапи.

Проектот е насочен кон претприемачите, а целта е да се здобијат со нови знаења и вештини и истите да воспостават контакти со бизнис заедниците од земјите-партнери на проектот.

Активностите беа спроведени преку проектот БалканМед ИННОВА, финансиран од Европската унија.