Од 600 евра минимална плата за наставници, до опсерваторија со НАСА на Кокино – Што ветуваат партиите во образование?

Една позната изрека вели дека најмногу се лаже после лов, за време на војна и пред избори.

Овие предвремени парламентарни избори граѓаните веќе можат да ги слушнат и прочитаат најразличните ветувања од политичарите, медиумските спотови и нивните изборни програми. Додека ударните термини во вестите најчесто ги заземаат економските, инфраструктурните или правните реформи, Радио МОФ погледна во делот посветен на образованието во изборните програми на сите партии кои ќе бидат на гласачките ливчиња на изборите на 15-ти јули.

Како и секои претходни избори и овој пат безмалку сите политички партии сметаат дека токму тие ја имаат формулата како македонското образование да се движи во правилна насока. Нема партија која не ветува поголемо вложување во овој сектор, раст на платите на наставниот кадар, подобри учебници и наставни програми и модернизирање на образованието. Често многу од проектите на партиите се слични, а, со чест на исклучоци, ретко која од партиите во изборните програми кажуваат колку чинат овие реформи, како би се реализирале и од каде би се обезбедиле пари.

Генералниот впечаток кој се стекнува читајќи ги сите програми е дека ретко може да се најде некоја свежа визија за македонското образование или некои нови и иновативни идеи. Проектите кои се нудат, најчесто се веќе видени, препишани од некои поранешни програми или пак веќе тековно се реализираат. Некои ветувања, пак, изгледаат толку неверојатни, што можеби некому ќе бидат предмет на подсмев.

Ние се обидовме да ги систематизираме главните ветувања на политичките партии. Ги истакнавме оние кои најмногу отскокнуваат од другите и да ги издвоиме главните поенти од нивните планови во сферата на образованието.

Бидејќи било каков редослед би имал одредено фаворизирање, ние се одлучивме програмите на партиите да ги презентираме според редоследот кој им е доделен на гласачкото ливче по пат на ждрепка.

За четири партии, кои ќе учествуваат на изборите, не успеавме да ги најдеме изборните програми, или пак во нивните програми нема конкретни проекти во сферата на образованието.

  1. Демократска партија на Албанците – ДПА

За Демократската партија на Албанците еден од приоритетите за подигање на квалитетот на образованието е хармонизација на македонското со законодавството на она на Европската Унија, но најавуваат и анализа на демографските трендови во Северна Македонија за да се направат релевантни стратегии во сите образовни нивоа.

Според нив потребна е поголема вклученост на децата во предучилишно образование, а нивно ветување е и обезбедување доволно предучилишни установи во средините каде мнозинството од жителите се Албанци.

Сметаат и дека е потребна ревизија на учебниците, со вклучување на повеќе наставни содржини за историјата и културата на Албанците. Во нивните планови се и отворање на центри за деца со посебни потреби на албански јазик.

Од партијата планираат укинување на државната матура за учебната 2019/2020 година, како и обуки за наставниците за учење на далечина и осовременување на наставата преку зголемено користење на технологија.

Во високото образование најавуваат реструктуирање на студиски програми, за нивна поголема усогласеност со пазарот на трудот и поголема соработка со меѓународни програми и научни институции.

Нивната изборна програма може да ја најдете на следниов ЛИНК, достапна е само на албански јазик.

  1. Демократи

Политичката партија „Демократи“ во својата изборна програма најавува образовни реформи со кои, како што велат, би се вратила продукцијата на квалитетен кадар и би се задржале кадрите кои го завршиле своето образование во државата.

Тие ова планираат да го овозможат преку укинување на деветолетката и ревизија на учебниците и учебните помагала. Наставниот кадар, според нив, треба да помине бесплатен тест за валоризација на индивидуалната подготвеност и треба да се намали бројот на предмети за ученици од прво до петто одделение.

„Фактот што во Македонија се дозволија експерименти со образовни програми на туѓи држави, при што нашите деца треба да учат според нечии учебници, кои се преведени на навредливо ниско ниво, доведе до продукција на деца без основни, дури и погрешни, сознанија. Со оглед на важноста на образованието, партијата „Демократи“ предвидува да се направат темелни промени во оваа сфера од општеството со цел да се врати продукцијата на здрав и квалитетен кадар за сите професии потребни во општеството“, стои во нивната изборна програма.

Најавуваат и укинување на средното образование како задолжително, а како алтернатива велат дека ќе се форсира засилено и квалитетно насочено образование, после кое секој поединец ќе може да најде добро платено вработување.

Во високото образование „Демократи“ планираат принцип на евалуација од страна на новоформирана агенција за валоризација, со што би се увидела вистинската слика за квалитетот на кадарот и наставните програми на македонските факултети и универзитети. Истовремено велат дека планираат ревизија на дипломите на завршените студенти, за кои ќе се процени дека не се во согласност со законските прописи, како и на професорските звања на вработените во факултетите и универзитетите.

За стимулирање на студентите, партијата нуди формирање научни групи по факултетите со најдобри студенти и нивно насочување во работа во некои од македонските фабрики.

Од партијата предлагаат и зголемено инвестирање во научни проекти и стимулациони грантови за најуспешните научници, но и ревизија на финансиското и правното работење на научните институции.

Нивната програма може да ја погледнете на следниов ЛИНК.

  1. Коалиција Можеме

Коалицијата „Можеме“, која ја предводи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), во нивната изборна програма најавуваат „квалитетно образование достапно за сите“.

Тие најавуваат дека за три месеци ќе ја завршат анализата на резултатите од ПИСА тестирањето и дека до септември, со ангажирање на странски експерти кои ќе соработуваат со македонски едукатори, ќе се изработи „План Веднаш“ за вистински и брзи реформи во образованието. Една од поставените цели во нивната изборна програма е просечните постигања на македонските ученици во ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на тестирањето од 2018 година.

Паралелно, во нивната изборна програма се планирани и анонимни тестирања слични на ПИСА, секое полугодие во секое училиште.

Коалицијата најавува и инвестиции во осовременување на наставата, поврзување на сите основни училишта со брз интернет и интерактивни училници, како и воведување на медиумска писменост во училиштата преку наставни содржини со кои ќе се развива логичкото размислување и донесување вредносни заклучоци базирани на факти.

„Ќе овозможиме поврзување на наставните содржини со практични ситуации со цел создавање на образование за вработување. Ќе создадеме услови за повеќе практична работа со употреба на современа технологија и модерни нагледни средства. Со развојот на дигиталните компетенции на младите ќе им овозможиме создавање личности кои ќе се справуваат со новините, промените и потребите на новото време“, стои во програмата.

Меѓу нивните ветувања се и целосна промена на системот за издавање на учебници и преиспитување на одредени учебници поради застареност на содржините, несоодветен јазик и стереотипи. Најавуваат и дека за секој ученик ќе бидат достапни електронски учебници на сите наставни јазици.

„Можеме“ најавува изградба или реконструкција на 15 училишни објекти, како и реконструкција на сите студентски домови во Северна Македонија.

Државата, според нивниот план, ќе ги финансира сите деца и млади до 25 години кои сакаат да научат македонски, албански, турски, влашки, српски или ромски.

Во средното образование планираат да продолжи фокусот во дуалното образование, како и воведување на ново работно место во средните стручни училишта – наставник администратор за соработка на училиштето со стопанските субјекти.

Од СДСМ и Коалицијата најавуваат и дополнително растење на платите на наставниците, намалување на нивните административни обврски и нивно кариерно напредување.

Нивниот план е младинската невработеност до 2024 година да се намали под 17%.

Во сферата на науката, велат дека ќе се формира посебен оддел за научни истражувања во Фондот за иновации и технолошки развој, со цел вкупното издвојување за наука да достигне 1,5% од БДП до 2024 година.

Од „Можеме“ ветуваат и преуредување на библиотеките, за покомфорен престој на читателите како и организација на разни активности за читателите, додека учениците и младите ќе добијат бесплатно членство во првата година.

Се најавува и отворање на младински културни центри во Струмица, Охрид, Ресен, Гостивар и Свети Николе.

Целосната програма на Коалицијата „Можеме“ можете да ја погледнете на следниов ЛИНК. Верзијата на албански јазик може да се најде на овој ЛИНК.

  1. Левица

Образовните реформи во изборната програма на политичката партија „Левица“ се насловени „Бесплатно образование за сите – од градинка до докторат“. Меѓу најударните најави, оваа партија планира воведување на целосно бесплатно високо образование и забрана на приватните основни, средни училишта и високообразовни институции.

„Левица“ исто така планира преструктуирање на институциите во образовниот систем преку нивно упростување и дебирокра­тизација, ревизија на наставните планови и програми и намалување на бројот на тестови во училиштата за сметка на усното испитување. Тие најавуваат укинување на екстерни тестирања и матурските испити, како и вработување дефектолози и логопеди во сите основни училишта.

„Левица е на цврст став дека нужна е темелна трансфоромација на македонското образование. Се залагаме за трансформација која тотално ќе ја искорени корпоративистичката логика од образованието, со постепено укинување на сите приватни установи во образовниот систем и воведување на еден и единствен централен систем на образовни институции, кои ќе бидат поврзани и ќе следат едни од други“, се наведува во нивната платформа.

Во нивната изборна програма најавуваат законски ограничувања за односот меѓу бројот на воспитувачки/негувателки со бројот на деца во градинките, додека во основното и средното образование најавуваат целодневна настава во што поголем број училишта и профилирање на учениците од најрана возраст за нивно насочување во професии каде би ги искористиле нивните таленти.

Се најавува и заострување на критериумите за упис на Педагошката академија, како и покачување на платите на просветните работници на ниво од најмалку 1,5 пати повисоко од просечната плата во државата.

Во програмата на партијата се најавува лимитирање на државните универзитети на четири – Скопје, Битола, Штип и Тетово, укинување на дисперзираните студии на сите факултети и повторно воведување на приемни испити на факултетите.

Планираат зголемување на буџетот во високото образование во делот на истражувања и развој, како и зголемување на платите на универзитетските професори, доценти, асистенти и демонстратори.

„Левица“ најавува и онлајн библиотека, со сите задолжителни книги и учебници, за реализација на „Е-учење“, модерна опрема за училиштата за практично учење и дигитално образование, нови видови стипендии, бесплатен градски и меѓуградски превоз за ученици и студенти, а една од нивните идеи е и укинување на Министерството за култура и припојување кон Министерството за образование и наука.

Целосната нивна програма може да ја најдете на следниов ЛИНК.

  1. Алијанса за Албанците и Алтернатива

Во тек на пандемијата со коронавирусот од коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива најавуваат државна платформа за далечинско учење во основното, средното и високото образование. Според нивниот план, овие платформи треба да бидат безбедни и лесни за употреба, со високо ниво на заштита на личните податоци на корисниците.

Планираните платформи би требало целосно да бидат интегрирани со електронскиот дневник, електронските книги, библиотеките и системите за испитување, а за да се направи тоа овие партии ветуваат подобрување на системот за електронска идентификација, каде секој ученик, наставник, студент или професор би имал единствен идентификатор за употреба и влез во сите системи.

„На овој начин далечинското учење не треба да биде само резервна опција, која ќе се употребува во вонредни околности, туку интегриран дел на образовниот систем на РСМ. За оваа цел, нашата власт ќе ги создаде горенаведените системи за далечинско учење, кои ќе бидат употребени и ќе бидат интегриран дел и за време на традиционалниот образовен систем“, велат во нивната програма.

Од Алијанса за Албанците и Алтернатива најавуваат и дека во првите 100 дена од власта ќе креираат „лична карта“ за секоја образовна институција за да се создаде јасна слика за структурната состојба во училиштата, увид во просторните услови во кои се одржува наставата, спортските објекти, амортизацијата, наставниот кадар, бројот на ученици, плановите за заштита од пожари и несреќи и други информации.

Оваа Коалиција најавува и воспоставување менторство во основното и средното образование, основање на гимназии за технологија и дигитални науки во Скопје, Тетово и Битола, во кои бројот на учениците нема да биде поголем од 15 во училница и креирање на клубови за иновација во основните и средните училишта. Дополнително планираат враќање на летни и зимски школи, основање на фонд за развој на науката, и зголемување на платите за работниците во образованието и науката.

Тие најавуваат и афирмација на стручното образование, вклучување на компаниите во изработка на наставните планови, реорганизација на универзитетите и практична работа за студентите во јавните институции.

Целосната нивна програма може да ја најдете на македонски јазик на следниов ЛИНК и на албански јазик на следниов ЛИНК.

  1. Глас за Македонија

Оваа политичка опција во нивната образовна програма смета дека е потребна изработка на стратегија за образование чија цел ќе биде оформување самостојна личност преку образовно-воспитни модели кои иницираат љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност, соработка и претприемачки дух.

„Новиот систем, треба да биде граден со холистички пристап. Неопходно е да се земат предвид и во корелација спецификите на менталитетот, културолошкото наследство и традиците на поднебјето, национална историја, географска местоположба и конфигурација, екосистемот, новите технологии и потребите на глобалниот пазар на труд и човечки ресурси. Оттука произлегува дека е потребно да се тргне од темелот – утврдување на сетот морални вредности, околу кои ќе гравитира заедницата, односно
општеството. Истите треба да бидат компас кој ќе го одреди правецот во креирањето на образовната парадигма“, стои изборната програма на „Глас за Македонија“.

Од партијата најавува единствен модел на задолжително десетгодишно образование, со функционално поврзување на основното и средното образование, воведување на концептот наставник-волонтер, како и ширење на мрежата на воспитно образовни институции.

Планираат и изградба на модерен студентски град во Скопје, како и изградба на студентски домови во Битола, Штип и Тетово. Според програмата, се предвидува помош во изнајмувањето соби на студенти, со тоа што државата би му давала 3.000 денари месечно на секој студент кој изнајмува приватно легло. Се предвидува и студентска/ученичка карта за 50% субвенциониран превоз, литература, посети на културни настани и користење на спортски објекти и еден оброк секојдневно.

Се најавуваат фондови за стипендирање ученици и студенти, за поддршка на научноистражувачката дејност, и за најталентирани студенти во сите области. Дополнително, во програмата се предвидува секој правен субјект, кој годишно има добивка над 3 милиони евра, ќе издвојува 0,5% од таа добивка за наука и образование.

Една од нивните идеи е и формирање нов сектор во Министерството за образование и наука за анализи и квалитет на образованието, како и воведување на национални стандарди за избор на професори во наставно-научни звања.

Целосната нивната изборна програма може да ја погледнете на следниов ЛИНК.

  1. Граѓанско демократска унија – ГДУ

И Граѓанско демократската унија својата изборна програма за образованието ја започнува со став дека е неопходна Национална образовна стратегија, како јавно добро, на кое ќе се темелат сите образовни реформи во иднина.

Еден од приоритетите на оваа политичка партија е намалување на часовите во основното и средното образование, кое би требало да се одвива паралелно со намалување на бројот на учениците во една паралелка.

„’Утринава ќе сликаме, а подоцна ќе учиме математика и физика’ е концепт кој ги уништува и потенцијално добрите сликари, математичари и физичари“, стои во нивната програма.

ГДУ смета и дека се потребни промени во насока на автономијата на наставниците, во поглед на нивниот индивидуален пристап и реализација на наставата, како и зголемување на платите на наставниците на ниво повисоко од просечната македонска плата.

„Обуките и усовршувањата треба да го напуштат сегашниот концепт на „обуки за сè и ништо,“ a тие да бидат адекватни на предметите и наставните програми за кои се квалификувани да ги предаваат. Процесот на „дебирократизација“ може да почне уште следната учебна година. Првичните измени треба да ја променат перцепцијата за нашето образование од ‘морам’ во ‘сакам’“, пишува во нивната програма.

Од партијата сметаат и дека без проблеми може да се формираат научно-истражувачки центри во рамките на министерствата, каде потенцијалните производи потоа можат да бидат сопственост на самото министерство, да бидат понудени на пазарот или да бидат интелектуална сопственост на самите автори.

Платформата за изборите на Граѓанско демократската унија може да ја погледнете на следниов ЛИНК.

  1. Интегра – Македонска конзервативна партија

„Интегра“ смета дека подобрување на квалитетот на образованието најдобро ќе се обезбеди на конкурентен пазар и со диверзитет во слободата на изборот.

Тие се залагаат за воведување на ваучеризација, со која би се изедначило јавното и приватното образованиe преку слобода на избор на образовната институција. Велат дека преку ваков проект, Владата ќе ја смени доминантната форма на финансирање во образованието.

„Цената на школување на еден студент на државен универзитет во моментов изнесува цирка 50.000 евра, зависно од областа на студии, а цената на школување на студент на приватен универзитет изнесува 5.000 евра по студент. Ваквите големи разлики ќе мора да се испеглаат и да се воведе балансиран модел кој првенствено ќе фаворизира квалитетни студии и врвно образование на сите универзитети во Македонија“, стои во нивната програма.

Дополнително најавуваат дека нивен приоритет ќе биде достоинството на наставникот, со тоа што тој треба да биде ослободен од секој непотребен товар, подобрувајќи го амбиентот во кој работи.

Од партијата најавуваат и враќање на градинките во надлежност на Министерството за образование и наука, изградба на модерен студентски град во Штип, како и пораст на платите и научните работници во високото образование со коефициент 3,3 од просечната плата во државата.

Од „Интегра“ велат дека доколку би дошле во позиција да одлучуваат во Владата, инвестициите за истражување и развој во четиригодишниот мандат ќе се подигне на 0,8% од БДП, привлекување приватни инвестиции во унапредување на и јавно-приватно партнерство кои би воделе кон капацитети за производство на уреди на електрична енергија од обновливи извори и посебна програма за финансирање на мали проекти на млади истражувачи.

Дополнително најавуваат партнерски проект со НАСА за научна астрономска опсерваторија на локалитетот Кокино, како и меѓународно партнерство за основање научно-истражувачки центар на локалитетот Алшар за истражувања и експлоатација поврзани со лорандит и неутрино.

Од Интегра планираат и преструктуирање на Агенцијата за млади и спорт во Агенција за млади.

Целосната изборна платформа на Интегра може да ја најдете на следниов ЛИНК.

  1. Демократска унија за интеграција

На интернет страницата на Демократската унија за интеграција (ДУИ) не успеавме да ја најдеме нивната изборна програма за претстојните парламентарни избори. Од партијата не добивме никаков одговор и на нашите барања да ни ја достават нивната програма.

Од она што беше соопштено изминативе денови, дел од предлозите кои ДУИ ги имаат за образованието се: стручно училиште во секоја општина, задолжително предучилишно образование, 600 евра минимална плата за наставници, како и задолжителен албански јазик за секој ученик од петто одделение.

  1. СДУ – Скопје / Македонски концепт | 11. Единствена Македонија | 12. МОРО – Работничка партија | 13. Народна партија на Ромите

Овие четири политички партии, кои ќе се натпреваруваат на претстојните избори, или не ни доставија изборни програми, или пак немаат предвидено ништо конкретно за образованието во нивните платформи.

Од „Македонски концепт“ не одговорија на нашето барање да ни достават своја изборна програма, а на нивната интернет страница може да се најде „Граѓански манифест“ во кој само општо се наведува дека постојано ќе вложуваат во подигање на нивото на образованието на сите нивоа. Партијата „Единствена Македонија“ нема ниту збор за образованието во својата изборна платформа, Од МОРО – Работничка партија не најдовме нивна интернет страница, а не ни одговорија на нашето барање преку социјалните мрежи да ни ја достават својата изборна платформа. Додека за Народната партија на Ромите, која ќе се трка на изборите само вo изборната едниница 2, не успеавме да најдеме ниту нивна официјална интернет страница, ниту официјален профил на социјалните мрежи за комуникација.

  1. ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македонија“

Коалицијата „Обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ е единствената која во својата програма, за секој образовен проект, има наведено и конкретни датуми за нивна реализација, како и потребни средства кои би се издвоиле за таа намена.

Оваа опција најавува дека нивни образовни приоритети во следните четири години ќе бидат зголемување на средствата за образование од 3,7 на 5 проценти од БДП, пет проценти повисоки плати за наставниот кадар и најмалку 1% од БДП кој ќе се одвојува за науката.

„Новата образовна и научно-истражувачка стратегија што ВМРО-ДПМНЕ ја предлага, содржи мерки и проекти во насока на модернизирање на образованието и подобрување на условите за стекнување на функционално знаење, кое ќе биде соодветно вреднувано на пазарот на труд, знаење кое ќе ги направи младите добри граѓани и успешни професионалци. ВМРО-ДПМНЕ се обврзува континуирано да воведува квалитетни механизми за унапредување на наставните планови и програми, осовременување на методологијата и наставните помагала и квалитетот на наставниот кадар. Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да обрне особено внимание на спречување на одливот на работоспособни кадри“, стои во програмата.

Тие предвидуваат скоро 30 милиони евра за изградба и реконструкција на основни, средни училишта и факултети, а од политичката опција велат дека во првите 100 дена ќе се мапираат состојбите и ќе се изготви конкретен предлог за тоа каде е најпотребно да се инвестира во образовни објекти, во соработка со општините и универзитетите.

Од ВМРО-ДПМНЕ и Коалцијата најавуваат и национална дигитална платформа за далечинско учење „Еден клик“, а Агенцијата за млади и спорт ќе овозможи функционирање на електронска платформа за млади, која ќе ги содржи сите информации во врска со кариерен и образовен развој на младите.

Нивна заложба е и комерцијализација на работата на средните стручни училишта преку отворање на компании во самите училишта. Во програмата се предвидуваат и формирање паралелки за висока технологија во одредени средни училишта од областа на „ИКТ“ и „СТЕМ“.

Доколку дојдат на власт, од Коалицијата најавуваат ревидирање на Законот за високо образование, осовременување на наставничките факултети и подобрување на стандардот на универзитетскиот кадар преку 5% зголемување на платите годишно. Во програмата се предвидува и создавање база на домашни научни списанија, во која ќе имаат пристап сите студенти и научници од македонските универзитети.

Во програмата се предвидува промена на статусот на студентите од приватна квота доколку во првата година од студиите оствариле просек од 8,5, како и целосни постдипломски стипендии за најдобрите 5% од студентите на додипломските студии од секој државен факултет и целосна дигитализација на процесот на аплицирање за стипендиите.

Планираат 40 милиони евра за целосно реновирање и реконструкција на студентските домови, со целосна замена на дотраениот мебел и простори за културно забавен живот, фитнес зони и читални за студентите.

Се предвидува и отворање на Центар за когнитивни науки, како и Институт за национална генетика за „развивање на домородни успешни видови, соеви, лози на растенија и животни, микроорганизими за подобрување на квалитетот и конкурентноста на македонскиот пазар во странство“.

Целосната изборна програма на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ може да ја најдете на следниов ЛИНК.

  1. Твоја партија

Најновата партија на македонската политичка сцена смета дека е потребно да се смени начинот на кој се гледа на вложувањата во образованието – од трошок, во инвестиции.

Според нив треба значително зголемување на инвестициите во образованието – на ниво од 6% од БДП, наместо сегашните 3,7%. Истовремено, за зајакнување на независноста на образовните институции и нивно прилагодување на специфичните потреби на заедниците, тие велат дека е потребно воведување на блок-дотации за сите нивоа на образование, вклучително и за високото.

Во нивната изборна платформа најавуваат и промени во обуката на наставници и промени во програмите кои ќе поддржуваат образование кое промовира: достоинство, почитување на разликите, еднаквост и солидарност. Образование кое ќе овозможува стекнување знаења и вештини потребни во животот, кои овозможуваат учество во одлучувањето и поттикнуваат критичко размислување.

Од „Твоја“ велат дека во основните програми на секое ниво на образование ќе се внесат знаењата за климатските промени и вештините за справување со нив, како и знаењата за заштитата на животната средина.

Тие сметаат дека треба намалување на наставните програми и развој на дополнителни содржини насочени кон развој на вредности и вештини – по принципот „помалку часови, подолг престој во училиште“.

„На Македонија не ѝ е потребен образовен систем кој единствено ќе создава квалификувани работници кои можат да заземат високо-технолошки, високо квалификувани работни места во иднината туку образование кое секому ќе му даде знаење и вештини  кои ќе му овозможат полно учество во општеството и исполнет живот. „Твоја“ поддржува градење сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование во чиј центар се наоѓа ученикот, во кое ќе се развиваат современи програми кои ќе нудат  знаења, вештини и компетенции кои соодветствуваат на потребите на едно демократско и мултикултурно општество, кои се барани на пазарот на трудот и ги подготвуваат граѓаните на Македонија за новите предизвици во глобални размери“, стои во нивната програма.

Од Твоја велат дека нивните заложби особено ќе бидат во поддршка на центрите и организациите кои нудат неформално образование, како и креирање систем за дополнително сертифицирано образование за повозрасното население, над 55 години.

За високото образование ќе се земаат позитивни искуства од други држави. Планираат намалување на бројот на универзитети кои се финансирани од државата, а зголемување на квалитетот на наставата.

Целосната програма на „Твоја“ може да ја најдете на следниов ЛИНК.

***

Предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 15-ти јули, а на нив право на глас ќе имаат вкупно 1.814.263 граѓани на 3.840 избирачки места.

За да го остварат своето право на глас, граѓаните ќе мора да имаат важечка лична карта или пасош.

Кампањата завршува на 12-ти јули на полноќ, а на изборниот ден ќе се гласа од 7 наутро до 21 часот навечер.

На 13-ти јули право на глас ќе имаат граѓаните кои се во изолација поради коронавирусот, додека на 14-ти јули ќе гласаат болните и изнемоштените лица и лицата кои се во затвор, притвор или домашен притвор.

Изборите ќе се спроведуваат според посебни здравствени протоколи, со заштитни маски и одржување дистанца, средства за дезинфекција и проветрување на гласачките места.

Даниел Евросимоски