Од 30 мај до 5 јуни ќе се одржи OFFEST 2014

Програмата на тринаесеттото издание на OFF-Fest е распоредена во пет богати фестивалски вечери, во кои ќе настапат исклучително квалитетни состави од Етиопија, Португалија, Шпанија, Конго, Јужна Кореја, Унгарија, Словенија, Хрватска и Македонија, а ќе биде прикажан и еден музички документарец.

Од 30 мај до 5 јуни ќе се одржи OFFEST 2014

Годинешното издание на OFF-Fest, што ќе се одржи од 30 мај до 5 јуни во Скопје, ќе стартува со настап на големиот унгарски композитор, импровизатор и виртуоз на виолината FELIX LAJKO во тандем со неговиот колега и постојан соработник ANTAL BRASNYO.

На 1 јуни скопските музички зависници ќе имаат прилика првпат да ја почувствуваат во живо магијата на музиката на Етиопија, претставена од таткото на етио-џезот, легендарниот MULATU ASTATKE, а истата вечер ќе настапи и најжешкиот македонски лајв бенд ФОЛТИН, со неколку специјални гости-музичари од странство: Васко Атанасовски и Марјан Станич од Словенија и Наталио Суед од Холандија. Проектот е резултат на соработката на три сродни интернационални музички фестивали: Druga Godba (Словенија), Music Meeting (Холандија) и OFF-Fest.

Музиката на Конго, највозбудливата африканска сцена во моментов, ќе биде претставена на 3 јуни преку харизматичниот JUPITER и неговиот волшебен бенд OKWESS INTERNATIONAL.

Претпоследната вечер на OFF-Fest (4 јуни), e резервирана за популарниот словенечки пејач и кант-автор ZORAN PREDIN, придружен од извонредниот хрватски џипси-свинг состав DAMIR KUKURUZOVIC DJANGO GROUP, како и за маестралните јужнокореански инструменталисти и модерни традиционалисти GEOMUNGO FACTORY.

OFF-Fest 2014 ќе финишира на 5 јуни, со настап на најголемата нова ѕвезда на португалското фадо CARMINHO, како и со концертот на свежата фламенко атракција од Шпанија, инспиративниот женски квартет LAS MIGAS.

Во рамките на OFF-Fest, ќе биде прикажан и документарниот филм JUPITER’S DANCE, фасцинантна приказна за животот на музичарите во Конго раскажана преку едно неверојатно патување низ гетата на Киншаса.

Фестивалот годинава ќе се одвива на повеќе локации: Универзална сала, Салон на Македонската опера и балет, Кино Фросина и клубот „Станица 26“. Билетите за Фестивалот може да се набават во: Југотон Рекордс, Универзална сала, МОБ и на www.mktickets.mk.