Од 27 до 30 мај ќе се одржи OFFest 2016

Францускиот музички пионер Сен Жермен ќе го отвори годинашното 15-то јубилејно издание на Фестивалот на музика од светот „OFFest”, на 27 мај во „Метрополис арена”, кој ќе трае до 30 мај.

Програмата и оваа година ветува богато музичко искуство, со реномираниот американски поет и рапер Сол Вилијамс, „златниот глас на Африка” Пат Томас и неговиот Kвашибо Ареа бенд, хероите на португалската глобална сцена Батилда, италијанскиот традиционален бенд Канцониере Греканико Салентино, шармантната чешка виолинистка и пејачка Ива Биттова и бразилскиот виртуоз на на гитара Бади Асад.

Цената на билетот за концертот на Ива Биттова, кој ќе се одржи на отворањето на фестивалот се продава по цена од 300 денари. Истата вечер, концертот на Сен Жермен ќе чини 700 денари (цена која ќе важи до 3 мај, а потоа билетот ќе се продава по регуларна цена од 900 денари), и 1200 денари за место во ВИП ложата. Билетот за концертите на американскиот поет и рапер Сол Вилијамс и на португалците Батилда (28 мај) чинат 600 денари. За концертот на Пет Томас и неговиот бенд што ќе се одржи на 29 мај, посетителите ќе платат 400 денари. Влезницата за фестивалската завршница на 30 мај во МКЦ со бразилската гитаристка и пејачка Бади Асад и италијанскиот традиционален состав „Канцониере Греканико Салентино“ чини 500 денари.

Комплетот билети за сите четири концертни вечери на OFF-Fest се продава по цена од 2200 денари.

Во рамките на јубилејниот OFF-Fest ќе биде прикажан и музичкиот документарен филм „Who is Highlife?”, чија проекција на 29 мај во Кино Фросина ќе биде бесплатна за посетителите.

Продажбата на влезниците за OFF-Fest се одвива во Југотон рекордс, Младинскиот културен центар и онлајн на mktickets.mk.