Од 23 до 28 септември 40. јубилејно издание на „Млад отворен театар“

Седум меѓународни и исто толку македонски претстави, како и промоција на книгата „Моќта на театарот – 40 години МОТ“ на Љубиша Никодиновски-Биш се предвидени за јубилејниот 40. Меѓународен театарски фестивал „Млад отворен театар“ (МОТ), што ќе се одржува од 23 до 28 септември.

Фестивалот ќе биде отворен на 23 септември, на големата сцена во Македонската опера и балет со танцовата трупа „Алијас“ од Женева. Претставата „Пред“, која трае 55 минути, ќе биде прикажана во Скопје, по нејзината премиера. Поради голотијата на сцената, таа е наменета за публика над 16 години. Истиот ден во Младинскиот културен центар ќе биде прикажана претставата „Комплекс Ристиќ“, копродукциски проект меѓу Македонија, Србија, Хрватска и Словенија.

Дел од програмата се Гогољ центар од Русија со „Самовили“, исто така наменета за публика над 16 години, „Друга страна“ чиј автор е Дејан Дуковски, а во изведба на танц театарот „Лидија Литос“ од Атина, Белорускиот слободен театар од Англија со „Црвена шума“, „Неопланта“, претстава на Новосадскиот театар „Ујвидеки синхаз“, а за затворање е претставата „А каде е револуцијата, стоко?“, на Монтажстрој од Загреб.

Во рамки на фестивалот ќе се прикажат македонските театарски претстави „Време на забава“ на Театарската трупа „Гнев“ од Скопје, „Солун, град на духови“ на Театарот на навигаторот Цветко од Скопје, „Федра“, копродукција меѓу Велеѓкиот театар и Словенско младинско гледалишче, „Прометеј“ на Турскиот театар од Скопје, „Дневникот на лудакот“ на Moving Music Theatre од Битола, „Кој пукаше на 21-ви? на Младинскиот културен центар и „Електра“ на МНТ.

МОТ ќе се одржува на неколку локации, во Македонската опера и балет, Младинскиот културен центар, Театар Комедија, Македонскиот народен театар и Музејот на холокаустот на Евреите од Македонија. Поради јубилејот на МОТ, до почетокот на фестивалот сите билети ќе бидат со 40-процентен попуст.

Град Скопје го поддржува фестивалот со два милиона, а Министерството за култура со пет милиони денари.