Oбвинителството гони две лица за обид за убиство на Села на „крвавиот четврток“

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека до вчера идентификувани се две лица инволвирани во нападот на пратеникот З.С. за време на настаните во Собранието на Република Македонија на 27 април.

„Од досега прибавените докази, Основното јавно обвинителство – Скопје оцени дека постои основано сомнение дека овие две лица, заедно со други лица, кои во овој момент се неидентификувани, го извршиле кривичното дело Убиство од чл.123 ст.1 во врска со чл. 22 и во врска со чл.19 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против двете лица за наведеното кривично дело. Истовремено, по оценка на Јавното обвинителство, против осомничените неопходно е да биде изречена мерка за нивно обезбедување, поради што јавниот обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за одредување на мерка притвор, бидејќи постојат сите законски основи за тоа“, стои во соопштението на Обвинителството.

Воедно, велат од таму, заради целосно расчистување на овој кривично-правен настан од јавното обвинителство  издадени се наредби за итно постапување на Министерството за внатрешни работи заради обезбедување на релевантна документација и податоци.

Инаку, телевизија Телма денеска објави дека Кривичниот суд доцна синоќа им определил по 30 дена притвор за синот и таткото осомничени  за убиство на Села. Тие се однесени во истражен затвор.

Обвинителството досега товареше лица за „учество во толпа“, па ова се први лица што се осомничени за обид за убиство.