Oбвинителство: Преземаме предистражни дејствија за демолирањето на „Дамар“

Основното јавно обвинителство – Скопје по вчерашните протести на ЛГБТИ активистите, се огласи со соопштение дека ги презема потребните дејствија за утврдување на фактите, околностите и доказите во врска со демолирањето на кафе барот „Дамар“.

Oбвинителство: Преземаме предистражни дејствија за демолирањето на „Дамар“

Настанот се случи вечерта на 23 октомври, кога во просториите на кафе барот беше организирана прослава на ЛГБТИ Центарот.

„Надлежниот јавен обвинител изврши увид на лице место по пристигнатото известување за слученото, по што веднаш е формиран и предмет. Во насока на откривање на сторителите, обвинителството веднаш издаде Наредба за прибавување на снимки, како и за вршење на дополнителни оперативни проверки“, се вели во соопштението.

Од обвинителството велат дека се врши процес на препознавање за да се утврди кои лица учествувале во нападот на присутните на прославата и во оштетување на имотот на кафе барот.

„Во склоп на истражните дејствија, обвинителството ги повикува сведоците заради земање на изјава и се врши препознавање на одредени лица кои се предходно посочени од страна на оштетените.
За предходните настани во кои беа извршени напади на ЛГБТИ заедницата, обвинителството има издадено наредба кон Министерството за внатрешни работи за преземање на определни истражни дејствија со цел откривање на сторителите на кривичните дела“, соопштуваат оттаму.

ЛГБТИ активистите и нивните поддржувачи вчера излегоа на втор протест пред Јавното обвинителство со кој побараа институциите да ја завршат својата работа и да ги пронајдат напаѓачите кои го демолираа кафе барот „Дамар“ . Со легнати трупови пред Обвинителството тие уште еднаш ја упатија својата порака до надлежните „Истрагата е во тек…До кога?