Oбуки без пракса, формално образование без ресурси – младите „бегаат“ во отсуство на квалитетни политики

Актуелните политики кои се однесуваат на младите не се вклопуваат во сликата која се ветуваше со секои изминати избори. Формалното образование и понатаму се соочува со недостиг на ресурси, а секој дополнителен обид за негово унапредување останува на волонтерската волја на поединци. Од друга страна, пак, огромното поле со обуки и размени не ветува дека младите ќе имаат простор каде тие понатаму би го практикувале наученото.

Ова тврдење, кое го делат голем дел од младите и организациите што работат со оваа група на граѓани, го потврдува и Студија за млади од 2013 година подготвена од Фондацијата Фридрих Еберт, според која, 60 отсто од младите над 18 години сметаат дека тешко ќе најдат работа, а личните и политичките врски за нив се главни фактори за нејзино наоѓање. Платата, пак, е најважен услов за прифаќање на работно место, а како најпримамливa ја посочуваат јавната администрација. Загрижувачки е и фактот што повеќе од 50 отсто размислуваат или се подготвени да ја напуштат земјата, главно поради неможноста да најдат работа во земјата, или за да имаат подобар животен стандард.

Софија Богева од Центарот за социјални иновации е свесна за овој проблем, како и многу други нејзини врсници, но како што вели, тоа сè се сведува само на факти. Според неа, нема дебата која ќе резултира со некакво решение.

„Сите зборуваме за промени, меѓутоа, реално кој од нас направил некаква промена за подобро? Дали имаме систем кој ја поддржува таквата промена?“, прашува таа.

„Познавам млади со супер идеи да се направи нешто, но нема систем кој ги поддржува младите да ја задржат желбата и волјата да направат промена во општеството“, смета таа.

„Генерално, кај нас и во светот, факултетот е место каде што ќе дојдеме до знаење, до идеи, до концепт за нешто за да може таквото знаење преку практична примена и работа да се имплементира и да се стекнат вештините. Вештина не се стекнува со обука, таму се добива знаење за нешто, но знаењето преку практична примена стигнува до моментот да стане вештина и способност за во иднина. Можеби тоа е еден од проблемите, имаме премногу обуки, но ако не се применат во пракса, обуките не придонесуваат во подобрување на моменталната ситуација“, подвлече Богева.

Но, иако во последниве години, постојано може да се најдат повици за некаква обука, учество во проект, или пак размена, студијата на Фондацијата покажала дека само 12 отсто од младите посетуваат обуки кои се од неформално образование. Оваа цифра според Петар Антевски од Младинскиот образовен форум не е доволна, ако се спореди со можностите кои се нудат со ваквиот тип на образование.

„Во главно, младите сметаат дека неформалното образование и не е некој фактор при вработување, туку е само губење на време или пари, или не се информирани за бенефитите кои се нудат. Истото е и со компаниите кои од младите бараат минимум две години искуство, а воопшто не ги земаат предвид ангажманите на младите преку неформално образование“, вели тој, нагласувајќи дека е неопходно стекнатото образование да се применува.

„Младите во формалното образование се очекува да учат, но не и да го применуваат знаењето, пример за тоа е екстерното тестирање, каде се оценува нивното знаење, но не и неговото применување“, забележа Антевски.

Нита Старова од Фондација Фридрих Еберт вели дека невработеноста кај младите е проблем кој се провлекува низ годините и е еден од посериозните со коишто Македонија се соочува. Таа во моментов изнесува 52,9 отсто, со што ја става земјата на третото место на светската листа на невработеност на младите. Овој проблем, пак, повлекува и други, со тоа што на некој начин ги исклучува младите од важни процеси и доведува до нивна маргинализираност.

Според нивното истражување, најзастапени професии кај невработените млади луѓе се економисти, правници, машински техничари, електро-техничари и информатичари. Како интересен факт се издвојува тоа дека кај 30 отсто од младите, родителите се тие кои го извршиле влијанието за упис на одреден факултет, а по нив се менаџерите на некоја компанија и политичарите.

„Студијата во 2013 година покажа дека младите се одлучуваат за понатамошно образование само од причина што немаат работно место“, посочи Марија Топузовска Латковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни испитувања.

Според Законот за високо образование, потребно е да постојат и да функционираат Центри за кариера на секој универзитет, кои ќе бидат медиумот помеѓу младите и пазарот на трудот, со цел да го олесни нивниот пристап кон работно место. Но, како што забележува професорката во пензија, Билјана Секуловска-Габер од Економскиот факултет, центрите одамна не добиваат поддршка од владините институции и функционираат речиси целосно на волонтерска основа.

 „За жал, во отсуство на политичка волја за решавање на такви насушни и практични работи и прашања кои сите не тангираат, ние сме во ситуација во којашто ги покажуваат овие податоци“, вели професорката.

„Иако според Законот за високо образование треба да постојат такви центри, треба да постојат во сите средношколски образовни институции. За жал, морам да кажам дека освен тоа што е напишано на хартија, не постојат начини на коишто се водат тие центри, не се оспособува кадар кој треба да работи со своите студенти и да соработува со бизнис заедници, едноставно, оставени се да живуркаат“, смета таа.

На ова размислување се надоврза и Марина Павлоска од МОДУС Центар, која смета дека ваквите центри треба да ги има и во сите средни училишта.

„Кариерните центри се битни бидејќи изборот на професија не се прави еднаш, туку во неколку наврати, при избор на факултет, работа, при избор на унапредување, менување на работна позиција“, смета таа.

И покрај овие информации и размислувања, останува главното прашање – што да се направи и да се промени.

Драган Тевдоски, професор на Економскиот факултет смета дека треба да се зголемат средствата од буџетот за активни мерки за вработување на младите, државата да обезбеди повеќе стартап центри со бесплатен простор и услуги за користење, како сметководство и архива, а дополнително да се даваат консултации како тие да го водат својот бизнис.

„Во Македонија ако сакаме младите да работат, мора да се ослободи деловната клима, да престанат партиските притисоци. Ако сакаме младите да останат тука, платите мора да растат. Единствениот начин да се подобри животниот стандард на мнозинството граѓани е платите да растат, Македонија мора да стане од ова ниско мизерно ниво на плати“, констатира тој.

Овие податоци и мислења беа споделени на конференцијата организирана од Фондацијата Фридрих Еберт на тема „Невработеноста кај младите во Република Македонија“. Целиот настан може да го погледнете во следното видео:

Е.П.