ОБСЕ/ОДИХР: Референдумот во Турција се одржа во нефер услови

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР оцени дека референдумот во Турција се одржал во нефер услови и двете страни во кампањата немале еднакви можности.

Во заедничкото соопштение на ОБСЕ/ОДИХР и на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) се вели дека референдумот се одржал во политички амбиент во кој основните слободи кои се од суштинско значење за вистински демократски процес се прекинати во рамките на вонредна состојба во државата.

Надзорот на набљудувачката емисија покажал дека кампањата која ги поддржувала уставните промени доминирала во медиумите. Тоа, заедно со притисоците и со затворањето на медиумите, како и со апсењето на новинарите, придонело гласачите да не можат да ја видат пошироката слика.