ОБСЕ/ОДИХР: Има мали инциденти и притисоци врз администрацијата

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во последниот извештај за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември наведува дека без разлика што официјално, изборната кампања почнала на 21 ноември, и треба да заврши 24 часа пред денот на изборите, поголемиот дел од политичките партии почнале со мобилизирање на своите гласачи и пред почетокот на овој период, преку организирање настани и воспоставање изборни штабови.

Во извештајот се наведува дека главните пораки на кампањата се однесуваат на економијата, вработувањето, правдата и емиграцијата на младите и оти предизборната атмосфера е генерално мирна, со забележани мал број на изолирани инциденти.

ОБСЕ/ОДИХР исто така соопшти дека биле известени за случаи на наводни притисоци врз вработените во јавната администрација да поддржат одредена политичка партија.

Во однос на медиумите, во извештајот се изразува загриженост за широко застапената самоцензура која произлегува од политичкиот притисок врз медиумите, како и за случаите на провоцирање и вербални напади врз новинари, особено од страна на владини службеници.

Во извештајот се наведува дека суштинските медиумски реформи предвидени со Договорот од Пржино сè уште не се договорени и оти промените и дополнувањата на Изборниот законик од 2016 година во однос на медиумите се применливи единствено на претстојните избори.

ОД ОБСЕ/ОДИХР наведуваат дека изборите ќе бидат набљудувани од меѓународни и од граѓански набљудувачи.

„Овие избори ќе ги набљудуваат две истакнати граѓански организации: МОСТ има 80 долгорочни набљудувачи и ја најави намерата да ангажира околу 3.300 краткорочни набљудувачи, како и да спроведе паралелно сумирање на гласовите; ЦИВИЛ има 35 краткорочни набљудувачи, 10 мобилни тимови, и најави ангажирање на околу 300 краткорочни набљудувачи“, стои во извештајот.

Мета