Образованието со технички недостатоци и проблеми, Царовска бара наставата да почне и покрај сите предизвици

Слаб интернет, недостаток на технички уреди за следење настава, недостаток на учебници, постојана неизвесност кај наставници и родители, одлуки во последен момент за студентските домови… Секторот образование се најде во десетици проблеми во услови на пандемија.

Министерката за образование Мила Царовска смета дека и покрај сите предизвици, важно е сите вклучени во процесот „да покажат грижа кон децата и нивниот развој и затоа наставата мора да почне“.

„За да овој процес биде успешен и да имаме добра учебна 2020/2021 година, навистина ни се потребни сите наставници, сите директори, синдикатот, родителите и учениците за да може да се прилагодуваме согласно настанатите услови. Ковид е состојба која мораме со заеднички сили да ја надминеме најдобро што можеме, секако да се грижиме за здравјето на наставниците и учениците, но и да се погрижиме образованието да тече со квалитет што ќе може да се обезбеди во една ваква пандемија“, укажа Царовска.

При денешната посета на училиштето „Невена Георгиева Дуња“, Царовска потенцираше дека помина обуката на националните тренери, секој од нив обучи по 40 наставници, што значи околу 1.600 наставници коишто сега ја спуштаат обуката во самите училишта.

„Од денеска лозинките за пристапување на учениците ќе се доставуваат до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија, за да може да влеземе во тестирање на платформата и нејзино оптоварување, со цел да ги видиме перформансите. Целиот процес е динамичен, го водиме транспарентно“, изјави Царовска.

На новинарското прашање за слабиот интернет во училиштето кое го посетија, таа вели дека за таквата инфраструктура се должни директорите и локалните самоуправи.

„Сепак, управувањето е таму. Јас уште во првата недела од стапувањето на мојата функција се видов и со директорите, и со градоначалниците, се’ со цел што поголем број од нив обезбедат интернет и техничка опрема. Секако, дел од училиштата имаат договор и со вработените во периодот на набавка да си користат свои уреди. Да не заборавиме дека Платформата е активна и на смартфони и на таблети, не само на десктоп компјутери и лаптопи“, рече таа.

Во однос на прашањето што 50.000 ученици не можат да следат наставата, бидејќи немаат технички уреди, Царовска вели дека со Бирото за развој на образованието и со МРТВ се поставуваат распореди по кои ќе можат да ја следат наставата.

„Тоа се 15-минутни часови по дадените предмети, коишто ќе ги добиваат на телевизија. Секако, училиштата ќе треба да доставуваат материјали, за да може да имаат фидбек за она што е стекнало како информација или знаење од учениците. Засега комуникацијата со МРТВ е коректна, имаме соработка со УНИЦЕФ во целиот процес. Часовите се снимени, се доставуваат до МТВ. Очекуваме од МТВ во наредниот период квалитетно да излезе во пресрет на целиот систем, државата и на сите деца“, рече Царовска.

За платформата на ФИНКИ за онлајн-настава, министерката тврди дека таа за прв пат е адаптирана за основно и средно образование, преведена на 5 јазика. ФИНКИ ја има направено на своја волја, односно, како што рече Царовска, како „општествена одговорност“, а државата за неа не трансферирало пари.

Во однос на прашањето врз кои критериуми средни училишта добија дозвола за физичко присуство, таа одговори: „врз основа на бројот на ученици“.

„Но, 10 добија половично. Значи, праксата да ја одвиваат во училиште, а теоретскиот дел со учење од далечина (онлајн), заради тоа што ако бројот на ученици е преголем, самата Комисија утврдуваше дека е ризик. Ако имаме стабилна епидемиолошка состојба, велиме дека ова е динамичен процес, но, ајде, да почнеме побезбедно“, рече Царовска.

Не е тајна дека долги години учениците имаат проблеми со книгите. Некои недостасуваат, некои се оштетени. Сепак, Царовска тврди дека тече доставата на книги, по редослед во претходно потпишаните договори. Од друга страна, смета дека треба да се разгледа можноста за компетитивност и квалитетот на учебниците во нашата држава.

„Имаа многу замерки и од родителите, и од експертите дека има и неточни работи во книгите, има и стереотипи. Така да, ова прашање ќе го работиме во министерството, како и за сите работи за кои сме се зафатиле, на транспарентен начин, со можност за конкурентност ќе бидат обезбедени. Да не заборавиме дека не секаде во светот, посебно во развиените земји, има учебници“, рече таа дополнувајќи дека тоа се други модели, а за земјава ќе одлучиме со меѓусебни преговори со наставници, служби и експерти.

Околу списоците за примање на студентските домови, со оглед дека вчера беше донесена одлуката, министерката вели дека тоа ќе биде согласно ранг листата која се објавува годишно.

„Велиме до капацитетот, сега, којшто е преполовен – влегуваат во студентски дом – првите, а другите одат во дополнителна финансиска поддршка. Но, секако дека оваа година еден од критериумите ќе биде факултетот, или училиштето, е почнато со комбинирана настава или со физичко присуство. Затоа што има дел од факултетите што целосно ќе спроведуваат учење од далечина“, рече таа, дополнувајќи дека „нема многу време и во трчање сме со сите работи“, но „ќе ги сместиме студентите“.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Темелковски, рече дека целосно ги почитуваат сите препораки и протоколи. Дополнително како општина, со ребаланс на буџетот, за сите општински училишта ќе обезбедат дополнителни средства за обезбедување технички помагала.

„Така што сите училишта ќе бидат целосно подготвени за да можат да отпочнат со онлајн настава. Само преку координација и соработка меѓу сите министерства и институции може полесно да ја поминеме оваа состојба и да обезбедиме квалитетна едукација за најмладите, а тоа е основна цел на секое училиште“, изјави Темелковски.

За СОНК, важно е што сите чинители на воспитно-образовниот процес заеднички соработуваат, зашто само така може, во период на пандемија, навреме и успешно да отпочне новата учебна година.

„Ние како Синдикат, организација којашто се грижи за обезбедување на правата на нашите членови, на вработените, денес може да констатираме во однос на подготовката на ова основно училиште, се разбира и на другите основни и средни училишта на национално ниво, до каде се подготовките во однос на обезбедување на мерките од протоколите, подготовките за обезбедување техничка поддршка за онлајн настава, до каде се препораките за обезбедување здрава работна средина на вработените во период на пандемија, како ќе се организира физичката настава, како ќе се делат групи, како ќе функционира онлајн наставата. Ние како Синдикат сме тука за да помогнеме на актуелните власти кои ја имаат најголемата одговорност за обезбедување коректни услови за отпочнување на учебната година. Тука сме за да бидеме коректори, да бидеме гласни, да укажуваме за се она што не е направено, а мора да се направи за да сите заеднички, безбедно и успешно ја почнеме и завршиме оваа учебна година“, изјави Неделков од СОНК.

Б.Ш.