Образованието може да биде клучна алатка во спречувањето на говорот на омраза кој е присутен во земјава и брзо се шири преку социјалните мрежи, смета Томе Шеќерџиев, претставник од ОБСЕ кој денеска беше предавач на летната академија организирана од Младинскиот образовен форум. Низ примери и искуства, тој посочи дека младите имаат алатки за борба со ваквиот говор. Сепак,тој додаде дека мора да се прави разлика помеѓу слободата на мислење и слободата на изразување.
„Слободата на мислење не може никој да ви ја одземе, но со нашето право на изразување не смееме да го повредиме туѓото“, потенцираше Шеќерџиев.
Говорот на омраза не може секогаш да се препознае. Пораките не се секогаш јасни што може да предизвика недоразбирање кај пошироката публика. Поради ова, според Шеќерџиев, потребни се индивидуални истражувања со цел преку образованието да се спречи ваквиот говор.
Профили, групи и страници на кои поединци ќе се приклучат и ќе остават навредлив коментар според Шеќеровски се новите облици на говор на омраза што ги запоседнаа најпосетуваните социјални мрежи за комуникација како што се Фесбук и Твитер. Голем број на протести кои направиле или не некаква општествена разлика се всушност последица на претходна објава на некоја од социјалние групи.
Но, што се случува кога луѓето се толерантни кога станува збор за говор на омраза?
„Постојаната подложеност на говор на омраза кај личноста создава чувство на фрустрација и депресија што во најчести случаи резултира со некаков криминален чин“, објаснува Шеќерџиев.
Низ примери од државата и странство тој појасни дека постојаната толеранција и индеферентност доведува до поделбата на „ние и вие“ наместо да постои целина. Неговото предавање беше дел од шестата по ред летна академија организирана од Младинскиот образовен форум што се одржува од 25-30 август во одмаралиштето „Михајлово.
Емилија Петреска