Процесот на дигитализација создава значајни можности за развој, но истовремено носи и зголемени ризици кои ја поткопуваат безбедноста на државите, институциите и граѓаните. Информациските манипулации и кибер нападите претставуваат сериозен предизвик за стабилноста и довербата во демократските процеси, особено во услови на комплексни геополитички динамики и сè поголема поврзаност на општествата, пренесува агенцијата Мета.мк.
Со какви закани врз безбедноста и стабилноста се соочуваат различни држави во регионот и Европа и кои се начините за градење регионална и меѓународна соработка со цел унапредување на отпорноста и заштитата од кибер и информациски ризици, беа темата на сесијата „Отпорност на информациски и кибер закани како фактор на стабилноста и безбедноста во регионот“, која се одржа во рамките на 21 издание на конференцијата е-Општество.мк, организирана од Фондацијата Метаморфозис.
Саздовски: Санкциите се едно успешно решение против хибридните закани
Мирослав Саздовски, виш аналитичар на Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани од Финска како пример за кибер напад што извршил големо влијание го потенцираше случајот со сечењето на подводните кабли во Балтичкото море што се случи минатата година. Активностите на танкерот со сомнително сопствеништво, изнудија одговор на Финска и регионалните фактори, од кој, според Саздовски, треба да се извлечат заклучоци како треба да се постапува во справувањето со хибридни закани.
„Настанот предизвика ослабување на комуникациските сервиси што за општества кои се дигитално зависни е значаен предизвик. Но, брзата координирана реакција на Финска, брзото идентификување на настанот и истрагата која одговори прашања за танкерот и заедничкото постапување со Естонија влијаеше на довербата на граѓаните“, вели Саздовски.
Настанот, што се случи брзо откако Финска и Шведска станаа членки на НАТО, очигледно не беше случаен инцидент туку хибридна активност, која треба да предизвика страв, паника, заплашување и недоверба во кругот на Балтичките земји, но и во рамките на НАТО. Од друга страна, според Саздовски, по овој случај кај јавноста и кај институциите се зголеми свесноста за ранливоста од големи хибридни активности и многу земји го засилија процесот на следење на критичката инфраструктура и потребата од подготвеност за брза реакција.
„При хибридните закани, противникот е најчесто под радарот и санкциите се едно од решенијата кои се покажуваат како успешни. Европската унија воведе санкции кон Русија што се покажа како ефикасно решение, а заедно со замрзнувањето на финансиските средства, блокирањето на производствените капацитети и контролата на извозот на технологија, предизвика цената на хибридниот напад да биде многу повисока од бенефитот“, вели Саздовски.
Романјук: Главен извор на информации во Украина е апликацијата „Телеграм“
Анастасија Романјук, аналитичарка за дигитални платформи од Граѓанската мрежа Опора во Украина вели дека во земјата која се соочува со војна, примарен ресурс за вести е апликацијата „Телеграм“, преку која се информираат речиси 70 отсто од населението, иако таа воопшто не ги регулира содржините кои се објавуваат.
Романјук вели дека наративи со кои се шират и говор на омраза и насилство се пренесуваат преку анонимни канали на Телеграм кои имаат стотици илјади претплатници со милионска публика и огромно влијание, а се без никаква одговорност или етички правила.
„Преку тајните канали се таргетира политиката за мобилизација и се шират наративи да не им се верува на воените власти и да не се прифаќаат поканите за мобилизација. Се шири страв и се поттикнува непријателството на граѓаните кон државата“, вели Романјук и посочува дека активно работат на истражување на наративите на Телеграм, што е исклучително тешко да се побијат, особено во актуелните услови во Украина каде недостасуваат и доволен број на официјални јавни информации од институциите и војската.
Ризаов: Зајакнување на регионалните и меѓународните коалиции како решение
Горан Ризаов, програмски координатор во Фондација „Метаморфозис“ и главен и одговорен уредник на Новинска агенција Мета.мк смета дека долговремената изложеност на дезинформации предизвикува граѓаните да не веруваат никому освен на своите најблиски, затворени во мали кругови во кои немаат потреба ниту да ги проверуваат информациите.
Како пример за кибер напади кои се случија во земјава во последниот период, Ризаов ги посочи нападот на инфраструктурата на јавниот сервис, Македонската телевизија заради кој, на само три дена пред локалните избори, не се емитуваше главниот дневник и соочувањето на кандидатите за градоначалници, како и случајот со кибер нападот на илјадници ботови на Инстаграм профилот на весникот „Слободен печат“.
„Нападот на МРТ можеби немаше ниту да се дознае ако информацијата не стана вирална на социјалните мрежи. Раководството на јавниот сервис се обрати дури следниот со кратко соопштение дека станува збор за кибер напад на инфраструктирата, но интересно е што никој не провери дали е тоа навистина што се случило, ниту пак кави биле вестите кои требало да се објават таа вечер“, вели Ризаов.
Посочува дека кибер нападот на „Слободен печат“ е пример на злоупотреба на алгоритмите на социјалните мрежи кои се користат за вештачко зголемување на досегот, кои во случајот се искористени од трета страна за постигнување на сосема спротивен ефект, односно со оставњето на стотици коментари, всушност да се намали досегот на профилот.
„Решенија за справување со кибер заканите има, на пример тоа се можностите за регионални и меѓународни коалиции кои треба да се надградуват, зајакнуваат и прошируваат, а граѓанското општество е тоа кое треба да ја води и предводи оваа борба“, смета Ризаов.
Петровиќ: Во Србија кибер нападите кон граѓаните доаѓаат од три страни
Никола Петровиќ, извршен директор на Центарот за меѓународни и безбедносни прашања ИСАК, од Србија вели дека во оваа земја кибер заканите и хибридните напади во информацискиот простор ги заземаат последните места на високи закани, додека највисоките доаѓаат од политичките актери на власт.
„Ова е долгогодишен тренд во Србија каде контролата на медиумите и информативнот простор ја имаат луѓе што немаат капацитет. Србија е прва земја во Европа по бројот на напади по имејл преку кои со содржини со вируси и други алатки се напаѓаат личните податоци на граѓаните. Земјите од Западен Балкан во овој тип напади учествуваат со над 20 проценти на светско ниво“, вели Петровиќ.
Во Србија, посочува, нападите кон граѓаните доаѓаат од три страни. Тоа се властите и институциите кои користат дезинформации за да наметнат свое вијание, странските центри на моќ од Русија и Кина кои имаат свои интереси, како и приватните ентитети кои сакаат да наметнат моќ. Тоа предизвикува недоверба кај луѓето и затворање во мали кругови на блиски луѓе од доверба.
„Најважната алатка за отпорност кон дезинформациските кампањи и кибер нападите е образованието. Можеби е скапа и одзема време но е совршена и дава најдобри и конткретни резултати“, смета Петровиќ.
Меѓународната конференција „е-Општество.мк“ продолжува во текот на целиот ден, а во попладневните часови ќе биде доделена и наградата „Илија Жупановски“ за исклучителни достигнувања во справувањето со дезинформации.



