[Обновено] Владимир Јанковски: Лажна вест е дека Македонски центар за литература е нова асоцијација на македонски писатели

Веста што се прошири низ медиумите дека е формирана нова писателска асоцијација – Македонски центар за литература е лажна вест. Македонскиот центар за литература е здружение на граѓани, а не за писателска асоцијација, соопштува Владимир Јанковски, кој е писател и претседател на истоименото Здружение.

Тој во својата реакција пишува дека добиле препратена информација од, како што вели, некаков лажен мејл (informapluszdruzenie@gmail.com) во кој стои:

„По бројните турбуленции изминатиов период во Друштвото на писателите на Македонија, поголема група писатели и издавачи одлучи да основа нова асоцијација на македонските писатели – Македонски центар за литература. Основачи на Македонскиот центар за литература се: издавачите Ненад Стевовиќ и Светлана Кочовска – Стевовиќ, како и преведувачите и автори Владимир Јанковски, Иван Шопов и Николина Андова – Шопова. Претседател на асоцијацијата е Владимир Јанковски“.

Како што посочува Јанковски, ова не е официјално соопштение на Македонскиот центар за литература.

„Исто така, Ве информираме дека контекстот на основањето на здружението не е поврзан со ‘бројните турбуленции изминатиов период во Друштвото на писателите на Македонија’. Македонски центар за литература е организација која не е асоцијација на писатели, ниту нејзините активности се поврзани со случувањата во Друштвото на писателите на Македонија“, потенцира Јанковски.

Како што нагласува, целта на здружението Македонски центар за литература е промоција на литературата и културата на читање.

„Едноставно некој направил лажна адреса на gmail, и од неа пратил сооштение кое е лажно и кое нема врска со целите и активностите на Македонскиот центар за литература, ниту за контекстот во кој е формиран“, стои во реакцијата на Јанковски.

*Првичната вест на Радио МОФ е обновена согласно информациите на официјалниот претставник на Македонскиот центар за литература.