Објавено второ издание од збирката урбани есеи „Медиумот што недостасува“ од Томислав Османли

Во пресрет на 57 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, воедно и меѓник во градската меморија на СкопјеКнигоиздавателството „Бегемот“ ја објави книгата со урбани есени насловена „Медиумот што недостасува“ односно „Знаците на вашата и нашата младост“ и тематскиот додаток за книгата „Скопски отсутности или Записи од локалните (веле)градски недостатоци“ од писателот Томислав Османли.

Станува збор за второ и дополнето издание на книгата урбани есеи што Османли ја објави далечната 1992 година.

Писателот, инаку познат по неговото разнородно творештво, во оваа книга, низ прониклив текст
исполнет со привлечност и со шарм ги анализира дефицитарните урбани вредности, односите, навиките и феномените во нашата средина.

„Новото издание на книгата „Медиумот што недостасува“, одново е достапно за љубопитните читатели на урбани есеи и од новите генерации. Елиптичкиот принцип на набројување на непостојните или исчезнати вредности претставува критичка и ведра есеистичка сложувалка на тие урбани, културни недостатоци, но и
недостигања. „Бегемот“ ја преобјавува книгата есеи „Медиумот што недостасува“ бидејќи и денес, неполни три децении подоцна, социјалните медиуми и вредностите од регистарот на културата на урбано живеење – не престануваат да му недостасуваат на градското, како пристојно граѓанско живеење“, соопштуваат од „Бегемот“.

Книгата „Медиумот што недостасува“ на Томислав Османли е објавена во урбаната едиција
„Плочка“, под уредништво на Филип Димевски, ликовното и графичко уредување на книгата и на корицата во реализација на Наталија Лукомска, а јазичната редакција е на Андреј Јованчевски.