Објавено упатството за аплицирање за сместување во студентските домови

На веб-страницата каде се наоѓаат конкурсите на Министерството за образование (МОН) денеска е објавено упатство за аплицирање за сместување на студенти во студентски домови за студиската 2020/2021 година, кое за првпат ќе се одвива преку Националнот портал за е-Услуги – www.uslugi.gov.mk.

Во упатството се објаснува дека за да се пополни апликацијата за сместување потребно е да се пристапи на апликацијата konkursi.mon.gov.mk , по што студентот треба да се регистрира во системот кој се извршува преку Националнот портал за е-Услуги.

По активирањето на профилот, корисниците е потребно да се најават и тогаш можат да аплицираат за сместување во студентски дом.

„Откако ќе се најавите на системот, потребно е да кликнете на менито ‘Сместување во студентски дом’. Потоа е потребно да ги пополните сите информации кои се бараат од Вас и да кликнете на копчето Аплицирај. Притоа, како последен чекор го избирате терминот (дата и време) во кој сакате да ги доставите документите во студентскиот дом за кој аплицирате.  Доколку Ви се потребни дополнителни информации можете да нé контактирате на маил адресата contact@mon.gov.mk или на телефонскиот број 02 3 140 147“, стои во упатството.

Целосното упатство може да се погледне ТУКА.

МОН на почетокот на месецов го објави конкурсот за сместување во студентските домови, според кој се слободни 5.419 леглa во 12 сместувачки капацитети. За прв пат, студентите треба да пополнат електронска пријава која поставена на порталот конкурси, а чија регистрација на системот каде треба да се поднесе апликацијата се врши преку Националниот портал за е-Услуги.

Кандидатите кои конкурираат за студентски дом, документите ќе ги доставуваат до студентскиот дом за кој се пријавуваат за сместување почнувајќи од 1 август до 18 август 2020, додека студентите од прва година документите ги доставуваат почнувајќи од 7 септември до 22 септември.2020.

Во меѓувреме, веб-страницата на МОН останува нефункционална, а хакирањето на страницата го оневозможи пристапот до конкурсот за сместување во студентските домови, како и до листата со даватели на обуки за дигитални вештини за млади до 29 години.

Веб-страницата на МОН сѐ уште не функционира, младите немаат пристап до тековните конкурси