Веб-страницата на МОН сѐ уште не функционира, младите немаат пристап до тековните конкурси

Веб-страницата на Министерството за образование и наука која беше хакирана во четвртокот, сѐ уште не е функционална, а младите не можат да пристапат до конкурсите објавени на неа. Од МОН велат дека во моментов нивните служби, со помош на надворешни партнери, заедно работат на повторно оспособување на сајтот кој беше мета на хакерскиот напад заедно со сајтот на Министерството за здравство.  Во меѓувреме сајтот на Здравство профункционира, а од МОН уверуваат и нивниот сајт ќе биде функционален во текот на оваа недела, без да прецизираат конкретен датум.

Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделуваат тековните конкурси, до кои сега младите немаат пристап. Од МОН велат дека во моментов имаат два активни конкурса кои се објавени на нивниот веб сајт, но не размислуваат за нивно продолжување. Првиот, е конкурсот за стипендирање студенти кои ќе се запишат на најдобрите 100 универзитети од Шангајската листа. Овој конкурс е отворен до 15 септември.

Вториот конкурс е за сместување во студентските домови, каде аплицирањето почнува од 1 август, но во моментов студентите не можат да видат каде и колку места се предвидени. Сепак, од МОН уверуваат дека нема да има проблем со аплицирањето, бидејќи тоа се прави на посебен сајт, кој не беше цел на напад на хакерите konkursi.mon.gov.mk.

Хакирањето на сајтот на МОН го оневозможи пристапот и до листата со даватели на обуки за дигитални вештини за млади до 29 години. На неа можеа да се видат сите центри за обука и достапни конкурси, каде можат да се користат субвенции до 30.000 денари, или половина од цената на обуката, за стекнување на знаења. Од МОН тврдат дека листата со центри и видови обука е достапна и на порталот Услуги.гов.мк, преку кој се аплицира, каде не успеавме да ја пронајдеме.

На наше барање, од МОН ја испратија листата до Радио МОФ, а може да се преземе ТУКА. Инаку, листата првично беше објавена во петокот, на 17 јули. Непосредно по нејзиното објавување, падна сајтот на МОН, па таа за јавноста стана достапна два дена подоцна. Потоа во четвртокот, сајтот на МОН беше хакиран, па сите содржини повторно станаа недостапни за посетителите.