Објавен Конкурсот за сместување во студентските домови за 2020/2021

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за прием на редовни студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во земјава за студиската 2020/2021 година.

Според МОН, слободни се вкупно 5419 легла во 12 сместувачки капацитети. Најголем дел од нив, односно 4015 места се распределени во пет студентски домови во Скопје. Во Битола има 385 места, во Охрид 226, Прилеп 333 и во Штип вкупно има 460 места за сместување.

Поради епидемијата со Ковид-19 за да се избегнат масовни собирања и групирања, кандидатите кои конкурираат за студентски дом, документите ќе ги доставуваат до студентскиот дом за кој се пријавуваат за сместување почнувајќи од 1 август до 18 август 2020, додека студентите од прва година документите ги доставуваат почнувајќи од 7 септември до 22 септември.2020.

Студентскиот дом ги доставува документите од сите кандидати до Комисијата за прием и проверка на документацијата во домот за кој конкурираат. Кандидатите нема да бидат рангирани ако доставената документација е некомплетна и ненавремено доставена, стои во конкурсот.

Студентите кои се пријавуваат претходно треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет порталот www.konkursi.mon.gov.mk. Тие може да конкурираат за прием само за еден студентски дом.

„Студентите кои електронски се пријавиле повеќе пати, за валидна ќе се смета последната пријава, пред доставувањето на потребните документи од Глава IV. Рокот за електронското пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 27.07.2020 година и трае до 17.08.2020 година. Рокот за електронското пријавување на студентите од I година почнува од 07.09.2020 година и трае до 21.09.2020 година. По објавување на конечните списоци со примени студенти по домови, доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи се до пополнување на истите, но најдоцна до 28.09.2020 година“, информираат од МОН.

Конечниот список за прием на студентите од II година и повисоките години ќе се објави на 30.08.2020 година на огласните табли во студентските домови каде конкурирал студентот и на веб страницата на Министерството. Приговор по резултатите се доставува до архивата на Министерството за образование и наука, „ул. Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, Скопје во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите

Конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен на 30.09.2020 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб страницата на Министерството.. Приговор по резултатите се доставува до архивата на МОН, исто во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Повеќе информации за потребните документи и условите на следниот ЛИНК.