Објавено постхумно издание на „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“ од Данило Коцевски

Издавачката куќа „Бегемот“ објави постхумно издание на книгата „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“ од книжевниот критичар и автор Данило Коцевски.

„Станува збор за монографско издание со 84 приказни, легенди, факти, анегдоти и вистински, помалку или повеќе познати случки од Скопје, проследени со автентични, архивски фотографии. Книжевна ризница на Старо Скопје“, велат од издавачката куќа.

Поетот Васко Марковски во описот за делото пишува: Осамениот шетач Коцевски со овој ракопис оживува места и слики од речиси сите простори на урбаното живеење во Скопската котлина, низ различни историски периоди, во мирновременска и во воена состојба, приредувајќи му на читателот најразлични фотографски визури кон некогашните епизоди од патешествијата на местата низ кои денес чекориме, панорамски поглед над градот од минатите векови, макрофотографија врз рацете на занаетчијата, реконструкција на настанот од фотографија со карваните со камили, кои ги носат производите од Старата чаршија дури до Египет и Индија; првите организирани прошетки за запознавање со културното наследство на Скопје; премиерната претстава при отворањето на Младинскиот театар, спектакуларното надлетување над зградата кај „Југодрво“ од пилот чија љубовница живеела таму, но и поетски слики, кои ни го доловуваат некогашното гнездо на љубовта – скопскиот кеј, како во стиховите на денес заборавениот поет Васил Икономов, од кои е извлечен насловот на изданието“.

Во делото се овековечени разновременски патувачи што поминале низ него, но и денес живи градски енциклопедии, резервоари на информации и сеќавања. Според Марковски токму тоа ја прави книгата „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“ драгоцено надоврзување на неговиот неповторлив придонес кон хрониките на градот Скопје.