Објавени проектите кои добија поддршка од Годишниот конкурс за култура во 2020

Министерството за култура денеска на нивната интернет-страницата ги објави резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2020 година по дејности и области.

Како што информираат од Министерството, на Конкурсите за оваа година пристигнале над 4.000 апликации кои велат дека биле внимателно разгледувани од стручните комисии, составени од реномирани професионалци од соодветните дејности, кои при селекцијата на пријавите внимавале да овозможат правична, квалитетна и соодветна распределба на буџетските средства.

„Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негуваат и поттикнуваат културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи итн.). Категориите, приоритетите, критериумите и мерилата врз чија основа се вршеше оцена на проектите по одделни дејности беа содржани во пријавите кои се составен дел на конкурсите“, велат од Министерството за култура.

Од таму соопштија и дека претседатели на комисиите, кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности биле:

  • Литература и издавачка дејност – Бертон Сулејмани;
  • Драмска дејност – Ирена Стеријовска;
  • Фолклор и сценско-уметничка дејност – Арлинда Калиси;
  • Музичка и музичко-сценска дејност – Јане Бакевски;
  • Визуелни уметности, архитектура и дизајн – Трајче Блажевски;
  • Интердисциплинарни проекти – Артан Исмајли;
  • Меѓународна дејност – Џемил Бектович;
  • Заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Миле Велчовски;
  • Музејска дејност – Фаница Велјановска;
  • Библиотечна дејност – Авзи Мустафа.

Табелите со проектите кои ќе бидат поддржани може да ги најдете на следниов ЛИНК.