Објавени победниците на меѓународниот стрип конкурс „Велес 2015“

Стрип центарот на Македонија ги објави добитниците на награди и признанија по објавениот интернационален стрип конкурс којшто е составен дел на традиционалниот 13 ти Интернационален стрип салон „Велес 2015 “. Годинава, на конкурсот пристигнале рекордни 228 дела од 42 држави.

Годинешни добитници на првата награда „Златен стрип“ се авторите Дан Ианос од Романија, Аљоша Томиќ за колор и Марко Стојановиќ за сценарио. Втората награда оди за црежите на Навид Булбулија и Адмир Хаџимуртезиќ , како и за Русинката Марија Конопатова. Третонаградени се Игор Крстиќ од Србија за колор-цртеж, неговиот сонародник Ненад Пејчиќ за сценарио, Анастасија Великанова-туш и колор од Русија, како и Јована Велинова (молив)  и Александар Стеванов (сценарио) од Македонија.

Специјална награда од Стрип центар на Македонија добиваат Ања Тановиќ-цртеж и Ивица Тановиќ– сценарио од Србија и Штепанка Јишлова од Чешка.

Наградата за најдобар цртеж е доделена на Иван Стојановиќ Фики од Србија, а награда за најдобро сценарио доби Кирси Салонен од Финска.

Специјалната награда за највозрасен автор заминува во рацете на Рамадан Заплужа од Призрен, а за најдобар автор до 18 години е прогласен Бренио Ќосе од Албанија. Наградата за дебитантски стрип е доделена на Александра Најдова од Демир Хисар, за најмлад учесник на осумгодишниот Димитрије Митиќ од Лесковац, додека за најдобар автор до 14 години е прогласен Никола Димов од Скопје.

Манифестацијата за доделување на наградите ќе се одржи од 16 до 18 октомври, во Ликовниот салон во Велес.