Објавена прва фотографија од Црна Дупка

Астрономите успеаја да ја направат првата фотографија од Црна Дупка, лоцирана во далечна галаксија. Широка е 40 милијарди километри, три милиони пати поголема од големината на Земјата и научниците ја опишуваат како „чудовиште“.

Црната Дупка е оддалечена 500 милиони билиони километри од земјата и била фотографирана од мрежа на осум телескопи низ светот. Детали за фотографијата беа објавени денеска во списанието „Astrophysical Journal Letters“.

„Она што го гледаме е поголемо од нашиот Соларен Систем. Има маса која е 6,5 милијарди пати поголема од онаа на Сонцето. И е Црна Дупка која сметаме дека има најголема маса од сите кои постојат. Се работи за вистинско чудовиште, шампион во супер-тешка категорија на црните дупки во Универзумот“, вели за Би-Би-Си професорот Хејно Фалк, од Универзитетот Радбуд во Холандија, кој го предложил експериментот.

Сликата покажува светлечки „прстен од оган“, како што го опишува професорот Фалк, која ја обиколува совршено кружна Црна Дупка. Светлината е предизвикана од супер загреан гас кој паѓа во Дупката. Светлината е посилна од милијарди други ѕвезди во галаксијата собрани заедно, што прави да бидат видливи од Земјата, на толку голема далечина.

Фотографијата се совпаѓа со тоа како црните дупки ги замислуваа теоретските физичари, но и холивудските режисери.

„Иако се работи за релативно едноставни тела, црните дупки подигаат некои од најкомплексните прашања за природата на времето и просторот, а најпосле и за нашето постоење. Неверојатно е дека фотографијата која ја гледаме е толку слична со она што го добивавме од теоретските пресметки. Засега, изгледа дека Ајнштајн беше во право уште еднаш“, вели Зири Јунси од Универзитетскиот Колеџ во Лондон, кој бил дел од соработката на истражувањето.