Објавена програмата за третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје

Од 31 октомври до 2 ноември во кино Култура под мотото „Кон дигиталното“ ќе се одржува третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје. Годинешниот фестивал од различни аспекти ќе ја разгледува позицијата на медиумите во дигиталната ера.

Во организација на ПИНА и партнерите ФЕС-Скопје, фестивалот за првпат на посетителите ќе им нуди увид во виртуелна и аугментирана реалност.

Во холот на кино Култура со помош на VR очила фестивалските гости ќе имаат прилика одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио Контраст од дигиталниот оддел на Ал Џезира. Овој дел од програмата на фестивалот е поддржан од УНХЦР Скопје.

Преку интерактивниот краток филм „Крадејќи ти ги чувствата“ секој ќе може да открие како апликациите користејќи вештачка интелигенција ги читаат емоциите од неговото лице. И овој сегмент, како и останатите фестивалски содржини, е бесплатен и отворен за сите посетители.

Третото издание на ИФФС ќе го отвори новинарката Ана Зафирова со панел дискусија посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми, по што ќе биде прикажан „Тhe Great Hack“, документарен филм за скандалот со Кембриџ аналитика и злоупотребата на личните податоци на Фејсбук корисниците.

За предизвиците со кои се соочуваат медиумите денес, како и насоките во кои може да се исползуваат иновативните алатки, Зафирова ќе разговара со Марија Фернанда Лаурет од Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми како Guardian, Sky News, BBC и Channel 4.

Покрај презентацијата за покривање актуелни социјални проблеми преку документарци со виртуелна реалност, на ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку video on demand платформите, за користење блокчејн технологија во онлајн медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на Интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција.

Покрај ова, на ИФФС ќе се зборува и за предложениот акциски план на Владата за борба против дезинформации и лажни вести.

Во склоп на фестивалот ќе се одржат и неколку работилници и разговори за најновите трендови во медиумите и на социјалните мрежи. Германската редничка Верена Ламерт ќе зборува како успешно да се користи Инстаграм за пласирање на горливите прашања кои ја засегаат помладата публика.

Организаторот на ИФФС -ПИНА, неодамна започна две нови програми – Програма за жени новинарки како и Програма за мобилно новинарство, од кои ќе произлезат разговори за можностите за развој на мобилното новинарство во земјава, како и за предизвиците на жените новинари.

На водечката тема на годинешното издание на ИФФС ќе се разгледа и патот кон дигиталното на домашните редакции, а покрај дискусијата на оваа тема новинарите ќе имаат можност и да го разгледаат примерот за дигитализација на редакцијата на финскиот јавен сервис на работилница со гостинот од Финска, Матијас Еркиле.

На фестивалот со свој говорник ќе учествува и Радио МОФ, каде низ нашето искуство ќе зборуваме за потенцијалот на неформалното новинарско образование.

Филмската програма на ИФФС опфаќа документарци за децентрализиран интернет (The Decentralized Web is coming), модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми (The Cleaners), онлајн закани кон новинарки (A Dark Place),за ширењето на десничарска пропаганда во Европа (How Steve Bannon’s far-right ‘Movement’ stalled in Europe) и за иновативниот истражувачки колектив Белингкет (Bellingcat – Truth in a Post-Truth World).

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во МКЦ како дополнителна програма на фестивалот.

Повеќе информации за програмата има на следниот ЛИНК.