Health, Fitness & Wellness Expo годинава ќе се одржува на 23-24 септември на нова локација во Градски парк, терени Работнички, а организаторите најавуваат најбогата програма со над 70 активности.
Ново е што активностите ќе бидат распоредени на четири сцени на кои паралелно ќе се одвиваат – Health Center, Fitness Stage, Wellness Zone и Kids Corner, како и еден анимациски дел со натпреварот Obstacle course.
Организаторите меѓу другото го издвојуваат Спининг шоу во сабота, 23 септември, на Fitness stage, кое ќе го спроведе единствениот центар за Spinning, спонзорот на настанот – Sport Inn.
„Не пропштајте да видите колку минути спининг се потребни за 50 милилитри цеден сок!“, стои во најавата за настанот.
Уште нешто што особено ќе ја одбележи оваа сцена, велат организаторите, е големиот тренинг во чест на прерано починатата пилатес инструкторка и поранешна балерина – Ирина Митевска.
„Со својата кариера, Ирина ги постави темелите на пилатесот во Македонија и стана синоним за оваа дисциплина. Нејзиното пилатес студио PowerHouse Pilates ја продолжува нејзината мисија во градење на здрави навики и активен живот, па ве покануваме сите – вежбачи, но и инструктори во сабота, на 23 септември, во 18:15 часот заедно да и оддадеме почит и да извежбаме еден енергичен пилатес час со тимот на PowerHouse Pilates“, се вели во најавата за настанот.
Health, Fitness & Wellness Expo е настан за целото семејство, па за Kids Corner се најавуваат разновидни активности. Најдобрите едукативни и спортски центри за деца ќе одржат активности и натпревари за најмладите.
Исто така, традиционално ќе се одвива натпреварот Scavenger Hunt, а новитет ќе биде натпреварот со пречки – Obstacle Course – кој ќе бара од натпреварувачите поголема физичка активност и ќе им постави разни предизвици. Двата натпревари ќе понудат над 60 награди за учесниците.
Сите овогодинешни изложувачи (над 40) од областа на здравјето, фитнесот и велнесот, кои на посетителите ќе им понудат разни промоции, дегустации, наградни игри и многу други изненадувања можете да ги погледнете тука.
Влезот за настанот ќе чини 50 денари, а за деца до 12 годишна возраст влезот е бесплатен. Бесплатен ќе биде влезот и за сите оние кои ќе дојдат на настанот со велосипед.