Објавена програмата за ОФФ фест

Музичкиот фестивал ОФФ фест ја објави програмата за своето 21. издание кое ќе се одржува од 1 до 4 јуни.

Манифестацијата ќе започне со концерт на македонските артисти „Перија“ и „Добрила и Дориан дуо“ во Националната опера и балет, со почеток во 20 часот.

Втората вечер публиката ќе може да ги проследи настапите на Балаке Сисоко од Мали и Лукас Сантана од Бразил, исто така во Националната опера и балет, со почеток во 20 часот.

Веќе третиот ден, програмата се префрла во Младинскиот културен центар, каде во Кино Фросина од 20 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Краловите на румбата“.

Филмот ја раскажува епската приказна за конгоанската румба, музиката што донесе надеж на конгоанската нација, која им помогна да го надминат колонијалното угнетување и која подоцна со децении го плени африканскиот континент.

По проекцијата, во 22 часот ќе се одржи концерт на „Лос Пирањас“ од Колумбија во Денсинг салата при МКЦ.

За затворањето на фестивалот, ќе се одржуваат настапи паралелно во Националната опера и балет, како и во МКЦ.

Мариа Мазота од Италија и Ненси Виеира од Кабо Верде ќе се претстават во Националната опера и балет со почеток во 20 часот, додека групата „Сантрофио“ од Гана ќе настапи во Денсинг салата на МКЦ со почеток на полноќ.

Повеќе детали за билетите и фестивалската програма ќе бидат објавени на www.offest.com.mk